ЗНМ: Kај потпосниците на Пржино нема волја за реформи во медиумите

by fokus

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) нема да учествува во предвидените партиски консултации со новинарските организации за  формирање на ад-хок тело кое ќе го мониторира медиумското известување.

Според претседателот на ЗНМ Насер Селмани договорот уште повеќе го партизира медиумскиот систем и токму затоа Здружението нема да даде легитимитет на таков договор.

“Сто дена пред избори ќе имаме институции растргнати меѓу партиските интереси и влијание. АД-хок партиското тело во рамките на Агенцијата за медиуми е неприфатливо за нас. Единствено решение е избор на нов Совет на агенцијата каде ќе се изберат независни и стручни лица. Затоа ЗНМ нема да учествува во апртиските консултации за фомирање на ова тело, затоа што не сакаме да легитимираме неодржливи партиски решенија кои нема да бидат во интерес на новинарите”, изјави Селмани.

Селмани потсети дека во делот за медиумите од договорот исто така се предвидува најголемата опозициска партија да номинира уредник на информативната редакција на МРТВ од експерти на ова поле, кој ќе биде на функцијата сто дена пред избори.

“Апсурдно е решението за МРТВ, партискиот уредник на власта да се замени со партискиот послушник од опозицијата. Со тоа уште повеќе ќе се засилува партискиот притисок врз МРТ кој место сервис на граѓаните, ќе биде заложник на партиските интереси. Ако сакаме независен и професионален јавен сервис, раководните структури на МРТ треба да се департизираат и да се обезбеди независен и одржлив извор на финансирање”, вели Селмани.

Поврзани новости