Кулиќ: Новиот извештај за падот на „кингерот“ е различен од првиот

by Фокус

За дваесет дена ќе бидат обелодени вистинските причини за падот на владиниот „кингер“, во кој пред 10 години загина претседателот на државата Борис Трајковски и осум негови соработници. Вакво ветување даде Омер Кулиќ, шефот на меѓународниот тим што изврши повторна истрага за авионската несреќа.

Тој денеска нацрт –извештајот му го предаде на претседателот на Комисијата за воздухопловни несреќи и сериозни инциденти и овластен претставник на Македонија, Сотир Костов.
Двајцата македонски овластени претставници, Сотир Костов и Сашо Мојсовски, во наредните две недели ќе го разгледаат обемниот извештај и ќе достават евентуални забелешки и сугестии, по што до крајот на годинава ќе биде изготвена конечната верзија на документот.

Босанскиот експерт денеска замоли за трпение и побара од новинарите да не го прашуваат за содржината на извештајот и дали има одговорни, бидејќи за дваесет дена ќе бидат објавени сите детали и видео снимки од направените две симулации на кобниот лет.

Весникот „Вест“, пак, објави неофицијални информации според кои втората истрага за авионската несреќа покажала дека осуммина кои биле во авионот починале, наводно, пред падот на авионот, од експлозијата – од изгореници, како последица на јак оган, и од задушување. Еден од двајцата задолжени за обезбедување на Трајковски, по експлозијата излетал од авионот и починал од падот.

Кулиќ единствено истакна дека заклучоците од првата истрага се разликуваат со резултатите добиени од втората истрага.
-Значи, има разлика меѓу истрагата што беше и оваа сега. А тоа го потврдува фактот дека оваа истрага со причина е отворена. Дојдовме до некои нови поставки за причините за несреќата, значи, има зошто беше отворена истрагата, истакна Кулиќ.

Првичната истрага за падот на „кингерот“, што ја водеа надлежните македонски и босански органи, покажа дека причина за уривањето се пропусти на екипажот направени во процедурата за приоѓање на аеродромот во Мостар во услови на сложена метеоролошка состојба, густа магла и облачност. На барање на Македонија, по собирањето на дополнителните докази од страна на македонското МВР, беше отворена нова истрага во јануари 2013 година.

Кулиќ рече дека лично, а верува и дека и членовите на Kомисијата, кои се авторитети како експерти за воздухопловство, немале притисоци од фактори во двете држави или од други фактори. Но, работата на Комисијата не одела лесно, и тоа токму во Скопје.

-Имаше мали проблеми овде во Скопје, но не сакам сега да зборувам за тоа, тоа ќе го кажам кога ќе биде завршен извештајот, имав одредени, опструкции, рече Кулиќ.

Тој објасни дека доколку во извештајот има елементи за кривична одговорност за тоа ќе решат обвинителствата на Македонија и на Босна и Херцеговина.

За втората истрага биле потрошени околу 10 милиони денари, што биле префрлени за спроведување истражни дејствија во Босна, Србија и во Германија, како и за авионски трошоци и сместувања.

Поврзани новости