Имаме млад човек со завршен факултет од четири години на скопскиот аеродром. Најверојатно ќе замине за Германија, Австрија или Швајцарија. Со себе има два куфера, во едниот куфер има 29 илјади евра, тоа се пари кои тој самиот, државата и неговите родители ги вложиле за тој да заврши факултет.
Во другата рака има куфер 16 илјади евра, тоа е негов потенцијален придонес кон брутодомашниот производ на годишно ниво кога би останал во оваа држава преку плаќање даноци и потрошувачка. Ова лице во самиот момент кога ќе замине од државата изнесува над 40 илјади евра.
Преку овој пример Дамир Незири, претставник на земјава на Вестминистер фондацијата којашто ја истражуваше емиграцијата во регионот, објаснува колку ја чини државава одливот на мозоци. Иселувањето годишно ја чини државава околу 333 милиони евра, што е околу 3.1% од БДП во 2018 година.
Резултатите покажуваат дека Македонија инвестирала околу 502 милиони евра во образованието во 2018 година.
Институциите немаат точни податоци колку граѓани заминале од земјава, но грубата бројка на Агенцијата за иселеништво покажува дека земјава ја напуштиле 500-600 илјади.
Најважната директна придобивка од миграциските текови се плаќањата од странство. Тоа се парите пренесени од иселениците до нивните блиски кои останале во матичната земја.
Се проценува оти 720 милиони евра се враќаат од странство во нашата држава на годишно ниво. Шеесет и седум отсто од овие средства одат во директна потрошувачка. Тоа се пари кои стигнуваат и веднаш се трошат, а само еден отсто одат во бизнис инвестиции, околу 16 отсто одат во инвестиции во недвижнини, околу пет отсто одат во штедење и исто толку отсто и во исплаќање на задолжување.
-Доколку државата преку мерки успее да го промени ова и поголем дел од овие средства одат во инвестиции, тогаш иселувањето може да биде двигател на економскиот раст, рече Незири. Според него, иселувањето само по себе не е негативно. Граѓаните се иселуваат и се стекнуваат со дополнителни знаења или средства, па се враќаат во државата и ги инвестираат тие пари и знаења, тоа е позитивно.
Според други истражувања нашите граѓани се иселуваат во релативно богати земји што значи дека економскиот фактор е се уште најголем двигател, но не е единствен.Ф.Ф.С.