Изградбата на гондола од Тетово до Попова Шапка ќе чини над 20 милиони евра

by Fokus

На денешната седница на Владата што треба да се одржи во Тетово ќе бидат истакнати седумте опции за развој на Попова Шапка кои се понудени во физибилтии студијата што ја презентира консултантската куќа Прајс Вотерс Хаус Куперс на вчерашниот настан во ски центарот.

Министерот за економија Крешник Бектеши вели дека со оглед на регионалното значење на Попова Шапка, информации ќе добијат и градоначалниците на полошките општини кои ќе бидат на владината седница во Тетово.

-Физибилити студијата ни даде насоки кои ние како Влада ќе ги диксутираме со граѓаните и ЕСМ. Посочувам на три опции, една да има јавно приватно партнерство, втора концесија и трета потполна продажба на сместувачки и угостителски капацитети бидејќи работат со загуба. Идејата за јавно приватно партнерство е во оптек поради инвестициите што веќе ги правиме со патот, изјави денеска министерот за економија Бектеши во Тетово каде што е на увид на неколку теренски активности.

Тој посочи дека во презентацијата е посочена и идејата за изградба на гондола од Тетово до Попова Шапка.

-Според калкулациите на консултантите, изградба на гондола ќе чини 23 милиони евра. Наредната година ќе почнеме со проектирањето на гондолата што ќе чини 200 до 300 илјади евра, а потоа ќе одлучиме дали ќе одиме со јавно приватно партнерство или директна инвестиција на ЕСМ, рече Бектеши.

Целосната физибилити студијата ќе биде објавена на интернет страницата на Владата.

Поврзани новости