Фолк пејачот Наум Петрески револтиран од страна на крушевскиот градоначалник Ѓорги Дамчески, неговите помошници и Општина Крушево, завчера јавно на својот Фејсбук профил ги обвини дека се уште не му го исплатиле договорениот хонорар за настапот на манифестацијата Етно Град која што се одржала на 26 јули. На концертот кој што се одржал на отворената сцена во Крушево, по повод отворањето на манифестацијата, покрај Наум, настапила и неговата сопруга Зуица Лазова и Тата Мата Бенд.
,,Ова е најголемиот срам кој што сум го доживеал во моите 30 години постоење и работа! Не знам сега дали да им закачам тужба или да им ги простиме парите бидејќи се очигледно сиромашни нас да ни плаќаат, оти ги чуваат парите за странските пејачи. Е вака се прави држава!,, – напишал покрај другото Петрески.
Од Општина Крушево велат дека се изненадени од реакцијата на Наум. Градоначалникот Ѓорги Дамчески во телефонски разговор ни изјави дека парите веќе се префрлени на сметката на популарниот пејач, и немало потреба од реакции и обвинувања изнесени во јавност.
,,Наум Петрески си прави циркуз! Парите за него, за Зуица и за бендот му се префрлени на сметка уште пред три дена, во вторникот, но бидејќи првин одат во трезор, треба да помине уште еден ден за да легнат на неговата сметка. Тоа значи, дека тој веќе денес си ги има добиено и немало потреба од овој циркуз. Станува збор за сума од 1.500 евра, тоа се пари кои што доаѓаат од Министерството за култура, не лично од мене како градоначалник. Слушнав и дека пишувал по социјалните мрежи како му се закануваме со тужба, но вистината е сосема друга, тој нам ни се закануваше со тужба. Немаше потреба од сето ова, и на овој негов гест гледам како на обид да се фрли дамка на нашата манифестација и општо на градот Крушево. Тој дури и беше известен со порака уште завчера дека му се префрлени парите, а ние ја чуваме истата порака како доказ дека ја збориме вистината,, – вели Дамчески.
Наум не одговори на нашите пораки со цел да дознаеме дали навистина во целост ги добил парите поради кои што настана ситуацијата, која што според градоначалникот е циркуз.
Вики Клинчарова