Прелеа браната Калиманци, а во источна Македонија е прогласена вонредна состојба. Во браната дотекуваат околу 280 кубни метри вода. Кризниот штаб нареди итна евуакција во дваестина населени места по течението на река Брегалница.
– Целата вода од браната сега завршува во реката. Наредуваме евакуација на граѓаните. Ова особено важи за старите и немоќни лица. Граѓните да ги напуштат приземните простории и да се качат на повисоките катови. Најголемиот удар се очекува во Штип некаде по 20 часот. Тогаш се очекува нивото на водостојот да се зголеми за еден до еден и пол метар – истакна Миле Јанакиевски, Шеф на државниот кризен штаб.
Градоначалникот на Штип, Илчо Захариев тврди дека се добро организирани на терен и дека им помагаат претставници на армијата и полицијата, ЦУК и граѓани од месните заедници. Тој тврди дека водата веќе се излеала на регионалниот пат Штип-Радовиш. Захариев очекува дека нема да има човечки жртви.
Надоаѓање на водата се очекува во вечерните часови, а водениот бран ќе кулминира некаде околу полноќ. Се апелира до населението од овие споменати места да направат евакуација на имотите, во приземјата и ниските предели на своите домови, евакуација на децата, вредните предмети и животните.