Криза за гас во топланите?

by fokus

Резервите на гас наменети за топланите „Исток“ и „Запад“ завршуваат денеска, а најава за нова набавка сè уште нема поради што останува неизвесно дали илјадници домаќинства во Скопје ќе се останат со ладни радијатори во ек на грејна сезона, пишуваат медиумите.

Од „Електрани на Северна Македонија“ во кус допис за Телма потенцирале дека средства за нова набавка има и дека нема да се случи прекин во дистрибуцијата на топлинска енергија, сепак, не навеле дали е склучен договор за нова набавка.

Државната компанија најави дека ќе се обиде да користи дизел за производство на топлинска енергија, но планот пропадна откако нивното барање беше одбиено од Министерството за животна средина поради високата емисија на штетни гасови при користењето на овој вид на енергенс.

Во образложението се вели дека се додека на пазарот има гас на располагање нема да се овозможи користење на друго гориво, а се нотира и дека топланите немаат соодветни филтри за да се преориентираат на нафта или мазут.

Претседателката на партијата ДОМ и пратеничка, Маја Морачанин, во интервју за МИА бара топланите во Скопје да продолжат да работат на гас, во интерес на здравјето на граѓаните.

-Состојбата е тешка и затоа велам ова се прашањата коишто се од интерес за граѓаните. Јас за тоа зборував не само во коалицијата, туку и на лидерската средба која ја организираше премиерот Ковачевски со сите претседатели на политичките партии во Парламентот и го истакнав ова прашање. Нашиот став како ДОМ и наше барање беше да продолжи работата на топланите во Скопје на гас, да не се префрлуваат на дизел или мазут коишто навистина многу загадуваат и тоа се рефлектира дефинитивно многу на загадувањето на воздухот во Скопје, вели Морачанин.

Поврзани новости