Кривични пријави против седум лица за нападот на Заев и Села

by fokus

Полицијата идентификувало и поднела кривични пријави против седум лица за нападот на Зоран Заев и Зијадин Села, во прес-центарот на Собранието на Република Македонија на 27 април, соопшти  МВР.

Кривични пријави се поднесени против Д.Т. (42), Н.П. (39), Б.Г. (43), тројцата од Скопје и против велешанецот Г.А. (43). Четворицата се товарат за учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење службено дејство, додека А.П. (39), И.К. (37) и Н.В. (39), сите од Скопје, се осомничени за учество во толпа што ќе изврши кривично дело.

„Пријавените, на 27 април 2017 година, околу 19 часот, во Собранието на Република Македонија, откако насилно ги пробиле кордоните од полициски службеници, влегле во сала број 3 (прес-центарот, н.з.), каде се одржувала прес-конференција, и ги нападнале пратениците З.З. (42) од Струмица и З.С. (44) од Струга, како и лицето А.Т. (лично обезбедување на З.З.). Притоа, пријавените Д.Т., Г.А., Н.П. и Б.Г. насилно ги пробиле кордоните од полициски службеници поставени пред Собранието. Потоа Г.А. ги повикал другите присутни да влезат, а Н.П. влегол во сала бр.3, се заканувал и физички го нападнал А.Т. (лично обезбедување на З.З.)“, стои во соопштението на МВР.

Во прес-центарот, осомничениот А.П. фрлил статив од камера кон пратениците, додека И.К. со канцелариски стол со метални ногарки го нападнал телохранителот на Заев и му нанел повреди на главата. Н.В., пак, со нога го удирал Зијадил Села додека тој лежел на подот.

Од МВР додаваат дека во врска со насилствата во Собранието во полиција биле повикани А.Ш. (22) од Скопје и В.М. (29) од Куманово, поради сомневање дека учествувале во толпа што ќе изврши кривично дело. По извршените разговори, двајцата биле пуштени на слобода.

Секторот за внатрешни работи Скопје, се додава во соопштението, во консултација со Основното јавно обвинителство Скопје и понатаму презема мерки за идентификување и за документирање и на други лица што учествувале во насилствата во Собранието.

Поврзани новости