Претседателот на синдикатот на судските работници, Пецо Грујовски изјави дека ќе поднесат кривична пријава против претседателот на Основниот суд Скопје 1, Владимир Панчевски и секретарот на судот и еден судски полицаец кои според нив вршеле големи притисоци врз вработените во овој суд за да не се приклучат кон штрајкот.
– Пред три години претседателот на сидикалната организација од скопска единица беше исклучен од УПОЗ бидејќи работеше неправилно. Потоа тој формираше нова синдикална организација, а ветуваше работи кои не им ги исполни на членовите. Пред еден месец администрацијата на Основниот суд Скопје 1 повторно се зачлени во УПОЗ и им се придружија на нашите барања. Токму заради ова тие се незадоволни и прават се да ги спречат луѓето да излезат на штрајк – рече Грујовски.
Денеска штрајкот се одвива непречено во сите судови каде што УПОЗ има синдикални организации. Штрајкот ќе трае се до исполнувањето на единственото барање, а тоа е зголемување на платите за 35 отсто.