Кредибилитетот на Хан и европските вредности

by Фокус

Ида Протугер Вељковиќ

Наместо демант или дообјаснување како што досега неколкупати следеше по јавните настапи на еврокомесарот Хан, по најновата изјава дадена за бугарскиот весник „Капитал“ имаше само исказ на верба од страна на портпаролката Коцијанчиќ, дека кажаното било извадено од контекст. За неупатените, еврокомесарот, како што пренесува весникот, изјавил дека за ЕУ било одлучувачко изборите да се случат на фер, транспарентен и демократски начин. „Не е важно дали сите ќе учествуваат, важен е квалитетот на изборниот процес“, изјавил Хан.
Ако се анализираат единствено настапите на еврокомесарот за проширување, наивните може да го помешаат со ангажираните лобисти што Груевски ги плаќа да ги промовираат неговите интереси во САД и кои му обезбедија интервју во американски весник на кое дури и „курирци“ можат да позавидат на пропагандата.

ИЗБОРИ КАКО СЦЕНСКА ПРЕТСТАВА

Натаму, Хан во последната изјава не ги споменува најбитните реформи, на медиумите и на избирачкиот список, иако е јасно дека тие се клучни за фер и демократски избори. Со договорот од Пржино, рокот за реформа на медиумите беше 15 октомври, не затоа што октомври бил убав месец, туку затоа што проценката беше дека со независни медиуми барем шест месеци пред избори би се создал предуслов тие да бидат фер и демократски.
Истото важи и за роковите во однос на избирачкиот список. Сега Хан воопшто не ги споменува неисполнетите клучни точки од договорот, а за кредибилност на изборите како алиби се повикува на ОБСЕ, која ќе пратела речиси ист број набљудувачи како во Турција?!?
Нејсе, тоа што со ваквите изјави Хан го потроши сопствениот кредибилитет токму пред демократската јавност во Македонија и особено граѓанството кое е најзаинтересирано за европските вредности што според функцијата тој би требало најмногу да ги промовира, е негов личен проблем. Темата не се неговите настапи кои се повеќе од јасни, туку тезата околу која пишуваа повеќе медиуми деновиве дома и во странство, околу наводно ново позиционирање на меѓународната заедница кон ситуацијата во Македонија.
Поточно, дека во замена за решавање на спорот за името, процес што би го менторирале САД и соработка со ЕУ за запирање на бегалскиот бран на нашата граница, Груевски обезбедил натамошна поддршка од меѓународниот фактор. Во тој случај, изборите би биле само сценска претстава со однапред удрен печат со верификација дека се „фер и демократски“, а опозицијата би била само декор или, пак, според последната изјава на еврокомесарот Хан за бугарскиот печат, не е ни неопходно да учествува.
Овие тези едноставно не можат да фатат корен во реалноста. Проблематично во нив е речиси сѐ. Дури и САД да се позаинтересирани да се реши името од самата Македонија на која ѝ е камен околу вратот, неуверливо е дека Груевски без опозицијата би се нафатил на такво нешто.
Опозицијата, пак, да се согласи на промена на името за Груевски да владее и да гази врз нивното членство, како и врз секоја демократска клетка на земјата е како доброволно да прифати да оди на „гилотина“. Настрана искуството од владеењето на Груевски, кој подигнуваше ѕидови на омраза и непријателство кон „јужниот сосед“ и ширење национализам дома, каде што главниот адут беше токму „името не го даваме“.

ШТО БЕШЕ БИТНО ЗА ПРИБЕ, ЗА ХАН Е НЕБИТНО

Втората теза е дека ЕУ ќе го поддржела Груевски во замена за негова соработка околу планот за решавање на бегалскиот бран. Ако се суди според изјавите на еврокомесарот за проширување, може да се поверува во оваа теза, затоа што неговите настапи се поддршка на Груевски. Веројатно е почестен што не се најде на листата на луѓе на кои Груевски е гневен, како на некои „Катици и Ванхојтовци“.
Според изјавите на Хан, нему му е битно процесот на гласање да помине во „фер и демократска атмосфера“, нешто на што впрочем сведочевме неколку изборни циклуси по ред, па немаше никаква потреба да се малтретираме со извештаи на Прибе, пржински договори и други „демократски дребулии“. Тоа што се обелодени дека на таа „демократска атмосфера“ претходело „пиштење и вриштење“ од инспекции, „рекетирани сите фирми“, закани кон стопанственици, ветувања за вработувања и закани со бркање од работа кон административци, што за Прибе беше битно, веројатно е небитно за Хан?!?
Несомнено е дека улогата на меѓународниот фактор е многу важна за Македонија, особено за граѓанството, кое тежнее кон европските вредности. Со оглед на декларираната европерспектива за земјата, за разлика од „белоруските“ примери на „груевизам“, овде ЕУ има инструменти на располагање да покаже што е прифатливо, а што не за земја-кандидат за членство. Но, во изминатите години, тие инструменти (извештајот за напредок, ХЛАД) не се покажаа ефикасни.
Во ред, пораката постојано беше дека не може некој од надвор да ни ги средува домашните сосотојби, треба тоа да го сториме самите. Нема ништо спорно во тоа, освен што со препораките за членство, поволните извештаи за економијата и кредитите, ЕУ практично му помагаше на човекот што нѐ оддалечуваше од европските вредности, заробувајќи ги институциите, воспоставувајќи целосна контрола врз нив, инсталирајќи партиски кадри наместо професионалци, уништување на независните медиуми, газејќи ги човековите права во сите сегменти на дејствување.
Тоа е како, на пример, ЕУ да финансира изградба на фудбалско игралиште на брдо со порака дека гради „терен“ за демократизација, но играта да се реализира така што недемократското ткиво го добива голот на врвот на брдото.

ХИПОКРИЗИЈАТА НА ЕУ

На пример, при неколку изборни циклуси по ред (а тие се случуваат речиси секоја година), владата предводена од Груевски троши 80 отсто од буџетскиот дефицит (што се кредити земени да го надополнат трошењето на парите собрани од даноци), токму неколку месеци пред избори. Има ли поочигледен пример за злоупотреба на државни пари за партиски цели, и тоа позајмени пари за кои се задолжуваат идни генерации? И тоа не наоѓа место во редовните мониторинзи на ЕУ на економската состојба во земјата? Дали се тоа европски вредности и начин на ефикасно трошење на државните пари?
Одговорноста е на владата во Македонија, секако, но премолчувањето на проблемот кога се работи за земја-кандидат не е промоција на европски вредности. Затоа што побитно од самото трошење и задолжување е намената на парите собрани од даноци или од подигнати кредити. Дали е тоа за зајакнување на економијата на земјата на долг рок или на партијата на власт преку „клиентелизирање“ на целата земја?
Резултат на автократското владеење, но поддржано со хипокризијата на ЕУ и замижување пред сѐ поочигледното застранување на земјата од европскиот пат беше излегување на граѓанството на улица, опозицијата од парламентот, студентите надвор од државата. И кога веќе ЕУ се соочи со слабостите на своите „бирократски“ напори да ѝ помогне на Македонија, работите почнаа да се поместуваа во позитивна насока. Извештајот на Прибе ги констатираше сите општествени аномалии што произлегоа од владеењето на Груевски и се дојде до договорот од Пржино.
Бев од скептиците што не веруваа во никаков позитивен исход кога на преговарачката маса е „виновникот“ за кризата, но кога веќе ЕУ одигра улога во „расчистување“ на улиците и решавање на проблемите на маса, принципиелно, треба да помогне тој процес да заврши како што е зацртан. Сегашниот резултат е недовршени реформи, кои се клучни за фер изборен процес, двојно поагресивен Груевски, кој се заканува со клоци откако во атмосфера на медиумска доминација и еднострана авторизација на избирачкиот список ќе ги добие изборите, изневерени граѓани кои сакаат да живеат во дух на европските демократски вредности, специјално обвинителство под закана.

ПОЛИТИКАТА НА „КЛОЦИ“

Во новата теза дека меѓународниот фактор ќе ги изиграл принципите за сметка на стабилноста која ќе испорача спроведување, решение за бранот бегалци „фабричката грешка“ е премисата дека тоа може да го испорача Груевски. Од едноставна причина што стабилност не оди под рака со начинот на негово владеење и актуелната криза тоа го верифицира. Второ, за такво нешто, опозицијата би требало да биде соучесник во тоа.
Последниот настап пред Унијата на жени на ВМРО ДПМНЕ, претседателот на партијата, видно гневен само неколку дена од абдикацијата на функцијата премиер, при што ја задржа моќта и контролата, подготвен на одмазда за повредата на неговото его, само дава потврда дека тој е проблемот, а не решение на проблемот.
Во однос на бегалската криза, веќе е јасно дека бранот бегалци од војните го „јавнаа“ и бегалци од земји каде што се живее во голема сиромаштија (Африка и сл.) и сите бараат да влезат во Европа. Барање решение е легитимно, па дури и изградба на прифатен центар каде што би се запрел бранот на емигранти кои не бегаат од војна. Бидејки можеби и цел Балкан сака да се исели во земјите на ЕУ, но постојат правила кои го оневозможуваат тоа и се принципиелни. Но, нејасно е зошто Груевски би бил тој што би го испорачал решението?!?
Сепак, сакам да верувам дека ЕУ не се простила од вредностите што се темел и обединувачки фактор на земјите-членки и дека нема да престане да ги промовира преку конкретни дела и поддршка на тие што сакаат да бидат дел од семејството на тие вредности. Во спротивно, ќе биде потребно да се изгради уште еден прифатен центар, на северната граница на Македонија, за најмалку милион „бегалци“ од политиката на „клоци“, омраза, национализам, поделби зачинета со перење мозоци. За кој било граѓанин што држи до елементарно достоинство, живот во таква земја не е опција.

П.С. Во очекување на реакција на новинарскиот еснаф, како член на ЗНМ и на Новинарскиот пленум, протестирам на навредливиот предлог на владејачката партија, сто дена пред изборите да имало по двајца уредници во МРТВ, од власта и од опозицијата и промоцијата да била пропорционално на изборните резултати. Не е доволно што го уништија новинарството и создадоа клиентелистичко-коруптивен конгломерат што шири пропаганда, туку сега треба да се згази и она достоинство на професијата што остана?

Поврзани новости