Достоинството на студентот и професорот

by Fokus

Пишува:Живорад Томовски
Универзитетски професор на УКИМ

Ја поздравувам иницијативата за враќањето на автономијата на УКИМ во новиот закон за високо образование. Враќање на достоинството на студентот, професорот, наставниот и раководниот кадар да бидат автономни и избирани по квалитет, а не по партиска директива на власта.

Враќањето на академската слобода на изразување и делување исто така. Но џабе е се, ако не се расчисти сметот со универзитетите, факултетите и кадарот што ги донесе Грујевизмот. Тоа е горлив проблем, кој не е лесен и кој требаше уште од старт да се решава со доаѓањето на новата власт на СДСМ. Изгледа, како државата да има премногу пари во буџетот за работни места, плати за неработници и погрешно отворени работни места. Со редукција на високо-образовните институции ќе се заштедат многу пари од буџетот, кои може да се пренаменат за научно истражување на тие кои заслужуваат и имаат афинитети за таа работа, за повеќе асистентски места, кои навистина заслужуваат да работат на факултет, за квалитет, наместо квантитет.

Буџетот многу би се растеретил со шлајмот од општеството креирано од Груевизмот и платите би биле исплаќани по заслуги. На пример, денес може да сретнете редовен професор на УКИМ, чија нето плата е 37.000 денари и редовен професор на универзитетот Гоце Делчев чија плата е 50.000 денари. Слични примери постојат и со Битолскиот универзитет и останатите државни универзитети. Се прашувам дали е праведна ваквата распределба и по која основа професорите на Штипскиот универзитет се позаслужни и повеќе вреднувани од професорите на УКИМ.

Јавноста многу добро знае кој е водечки универзитет во државата. Она што треба да направи министерот во ресорот МОН е да формира квалитетни тимови или работни групи од вистински професионалци со меѓународно искуство кои „агресивно” и храбро ќе направат реформи за поефикасно, порационално и квалитетно високо образование.

Од друга страна политиката на финансирање за изработка на магистерски и докторски студии во државата е многу погрешна. Имено, денес за да пријавите и одбраните докторат на државен универзитет, треба дебело да и платите на институцијата, која ќе ви издаде диплома за титулата доктор на науки. Тоа во западно-европските земји, по кои се стремиме е недопустиво, затоа што постојат елементи на корупција и криминал. Во 90-тите години, а и порано, не можеше секој да докторира, туку само студенти кои имаат смисла за истражување и наука. Бившиот систем имаше одлични механизми и критериуми да изврши селекција на најдобрите уште за време на првиот циклус на студии, па и подоцна. Денес не е така.

Имено, денес можат сите да докторираат, ако имаат да платат. Просекот од студиите кој се бара да биде исполнет за магистерски и докторски студии е драстично паднат и буквално, може секој да докторира. Сведоци сме на многу примери, од времето на Грујевизмот, со кои државата мора сериозно да се позанимава и да расчисти со дипломите магистерските и докторските дисертации изработени и одбранети „преку ноќ”.

Во западно-европските земји, изработка на докторат е работно место, кое е платено и се добива врз основа на претходно докажани вредности и заслуги. Имено, менторот во рамките на научно-истражувачки проект кој се изборил да го добие од државата или од некоја Европска научна фондација, врз однапред строга селекција од пријавени кандидати ви доделува позиција за изработка на докторска теза. Притоа, менторот ве пријавува како вработен докторант и од проектот ви доделува месечни примања. Значи државата инвестира во науката и ги наградува талентираните кандидати, кои може да бидат и странци.

Моментално сум визитинг професор на Техничкиот Универзитет во Делфт, Холандија и во разговор со моите колеги тука, со чудење реагираат, како е можно да се докторира со плаќање. На ПМФ-Скопје, докторатите кои ги работеа асистентите до пред 10 години им беа целосно покриени од факултетот. Покрај привилегија, тоа беше и заслуга за наставно-научниот кадар, кој на тој начин, колку толку беше повеќе мотивиран да остане и да ја гради својата универзитетска кариера на нашите факултети. Имено, денес многу добро знаеме колку тешко се добиваат асистентски места на државните факултети. И тоа претставува политичка одлука на актуелната власт.

Конкретно, мојот асистент нема средства да ги плати семестрите за докторски студии, а нашиот институт нема слух и се оградува да му ги покрие трошоците за докторски студии на ПМФ. Затоа е принуден да размислува, да замине на докторски студии во некоја западно-европска земја, која целосно ќе му ги покрие трошоците. И кои се резултатите од таквата одлука, со кои нашата држава губи? После докторирањето, како и многу други кои заминаа по белиот свет, нема да се врати и на тој начин го губиме младиот наставен кадар, кон кој државата дотогаш инвестирала. На тој начин факултетот полека но сигурно изумира, затоа што нема репродукција на наставниот кадар. Тоа би била најголемата загуба и резултатите од плаќањето да се добие докторат. Апелирам државата да издвои поголеми средства од буџетот за научно- истражувачка работа, за магистерски и докторски студии. Инаку нема смисла, овој закон што го воведе корумпираната влада на Груевски, кој генерално е многу штетен за државата.

Втор предлог, како можно решение е МОН да се растерети и подели на две министерства. Прво поради тоа што, е обемен ресорот и второ, науката не е доволно третирана и финансирана! Предлагам, да се врати независно министерство за наука, кое постоеше до 2000 год, каде би се опфатил и делот за високо образование. Министерството за образование, ќе остане да ги разгледува и да се грижи за горливите проблеми од доменот на основното, средното образование и спортот. Новото министерство би се викало: Министерство за образование и спорт-“МОС”.

 

Поврзани новости