Крадецот нема намера да ја врати украдената ѕвезда на Пандев, па изработивме нова, вели струмичкиот градоначалник Јаневски

by Фокус

На први ноември пред две години, во утринските часови, струмичани затекнаа грда слика на плоштадот ,,Гоце Делчев”, од каде дрски крадци ја украле ѕвездата поставена во чест на фудбалерот Горан Пандев. Стануваше збор за ѕвезда од месинг која беше поставена на плоштадот во 2010 година, како симбол на освоената титула европски и светски шампион со италијанскиот гигант ,,Интер”, во време кога беше реконструиран плоштадот.

Тогаш од општината информираа дека се згрозени од случајот и истиот го пријавиле во полиција. До денес сторителот не е откриен, а во разговор за ,,Фокус” струмичкиот градоначалник Коста Јаневски вели дека сепак, фудбалската легенда наскоро повторно ќе добие своја ѕвезда на градскиот плоштад.

-Сите бевме непријатно изненадени кога пред две години исчезна ѕвездата на Горан Пандев од плоштадот. Настанот веднаш го пријавивме во полиција, беше извршен увид, и лично јас, подолг период мислев дека сепак, сторителот ќе се покае и ќе ја врати назад. Но, такво нешто не се случи, па затоа се изработи нова ѕвезда во чест на нашиот фудбалски великан, која ќе биде поставена на плоштадот. Во најскоро време ќе започне реконструкцијата на плоштадот, а ѕвездата која е поставена на мермерна плоча ќе се најде повторно таму – појаснува градоначалникот.

Тој додава дека со нивниот сограѓанин Горан Пандев имаат одлични релации исполнети со почит и поддршка.

-Јас, како градоначалник и Општина Струмица се гордееме со него и неизмерно го почитуваме него и неговите дела, посебно Фудбалскиот клуб ,,Академија Пандев” кој е расадник на млади фудбалери. Од самото формирање на клубот во 2010 година, тој ја има поддршката од општината, која финансиски го помага секоја година преку Дотација која се доделува на спортските клубови, а ,,Академија Пандев” е постојано на врвот како клуб кој има успеси со првиот тим и особено со младинските категории – вели Јаневски.

Покрај Дотацијата за клубот, општината секоја година била покровител на турнирот ,,Пандев куп” каде се собирале фудбалските таленти од Балканот и пошироко.

-Општина Струмица доделува финансиска помош за турнири надвор од нашата држава, на кои младите фудбалери на ,,Академија Пандев” гордо ја претставуваат општината и државата. Сите генерации на ФК ,,Академија Пандев” бесплатно тренираат на игралиштето со вештачка трева ,,Филип Лазаревски” и ги играат натпреварите во соодветните лиги во организација на ФФМ. Во моментот се гради ново фудбалско игралиште со вештачка трева со трипартитен договор помеѓу ,,Академија Пандев”, ФФМ која ги обезбеди средствата и Општина Струмица којашто ја обезбеди локацијата, проектот и одобрението за изградба – изјави градоначалникот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости