996
На Никола Груевски вчера му беше роденден. Поранешниот премиер, а денес лидер на опозицијата, наполни 47 години. Но овојпат, за разлика од минатите години, без традиционалната торта која или беше со македонското знаме, или пак со амблемот на ВМРО ДПМНЕ, а која ја сечеше во својот кабинет, во друштво на своите колеги и блиски соработници.
Обично, од информациите кои што од неговиот кабинет ги доставуваа до медумите, а по повод неговите родендени, секогаш беше впечатливо тоа што недостасуваа роденденските желби поврзани со неговиот приватен живот, за љубов, среќа, здравје… Во преден план, дури и за роденден, се истакнуваа желбите за напредок на партијата, за обврските и одговорностите што престојат во реализирањето на развојните програми, ветени во предизборните кампањи.
,,На премиерот Никола Груевски денес му е роденден. Го прослави со торта со македонско знаме во својот кабинет’’ – беа најчестите известувања за јавноста секоја година на триесет и први август, во времето на неговото владеење.
Една од неговите позабележителни роденденски забави беше таа, кога полнеше 39 години, и токму на својот роденден ги посети нашите иселеници во Канада. Тогаш, македонската дијаспора му организирала изненадување во салата на цркавата Свети Климент, со торта со македонското знаме, но и со пеење на – Хепи брдеј, диар прајминистре, по што славеникот ги дувнал свеќичките, а како подарок добил плишано канадско мече.
,,Со глед на тоа дека имам сериозна работа, како премиер треба да ја водам државата и Македонија да ја извадам од економската криза, на канадското мече како играчка најмногу ќе се израдува мојата ќерка’’ – порача тој за време на тогашната прослава, праќајќи јасна порака дека дури и неговите родендени се како еден вид на партиски случувања и нема место за опуштање, ниту за личен живот и забава.
Овогодинашниот роденден на Груевски помина незабележително, дури и без штурото соопштение од неговиот кабинет, дека скромно ќе прослави во својот кабинетсо партиските соработници, со тортата со знамето или амблемот на ВМРО ДПМНЕ. И роденденските честитки, на неговиот Фејсбук профил во тек на вчерашниот ден, беа отстранувани, набргу по постирањето.
Единствен настан од вчера, објавен на неговиот профил, е средбата со грчкиот министер Никос Коѕијас, на која што од приложените фотографии може да се види дека присутните биле почестени само со минерална вода, додека пред Груевски, покрај водата, стои и шоља со чај. Нема информација дали Коѕијас бил запознат дека на Никола му беше роденден, ниту пак дали, и со каков подарок или роденденска желба му честитал.
Вики Клинчарова