Трендафилова им најавила на вработените на НОВА дека ќе добијат плати, но не им кажала кога

by Фокус

Главната и одговорна уредничка на телевизијата Нова, Билјата Трендафилова, денеска им соопштила на вработените на телевизијата дека наскоро ќе ги земат заостанатите плати, без да прецизира кога тоа ќе се случи, велат за Фокус вработени во телевизијата.

Но, ваквата вест не го смирила револтот и нервозата кај најголем дел од нив, кои истакнуваат дека нема да ги извршуваат работните обврски додека не ги добијат заостанати плати.

Како што веќе објавивме, телевизијата им должи 3 плати на вработените, па доколку не се регулира овој проблем, според дел од новинарите и вработените, се доведува во прашање понатамошното функционирање на телевизијата.

Инаку, овој медиум е во сопственост на градежната компанија Трансмет, која, пак, е во сопственост на семејството Кочан. Еден од браќата Кочан – Сеад Кочан, е првоосомничен и обвинет во случајот на Специјалното јавно обвинителство под кодно име Труст.

Според СЈО, Кочан ја злоупотребил службената положба во 2012 година, кога како управител на Трансмет со лажни документи добил тендер од ЕЛЕМ во вредност од 17 милиони евра.

Откако се случи тоа, тој излезе од сопственоста на Трансмет, која е на чекор да добие уште еден тендер од ЕЛЕМ за ископ на јаглен за потребите на РЕК Битола, откако понуди за екстремно ниска цена во споредба со досега.

Неговата сопруга, Асмира Кочан, беше управителка на телевизијата Нова, но неодамна и таа ја напушти оваа функција во телевизијата.

Поврзани новости