Ковачевски: Во здравството има над 130 директори, нема политичко мешање во разрешувањето на Сашко Јовев од Клиниката за кардиохирургија

by Fokus

За разрешувањето на кардиохирургот д-р Сашко Јовев од функцијата директор на Клиниката за кардиохирургија, според премиерот Димитар Ковачевски нема политички притисок, ниту политичко мешање.

Тој во одговор на новинарско прашање рече дека тоа е одлука на министерот за здравство Фатмир Меџити, кој управува со сите организациони единици што се под Министерството за здравство.

„Треба да знаете дека има над 130 директори во здравствените установи, и не постои држава во свет која има повеќе дриектори и заменици во здравствените установи. Тоа се колеги кои се познаваат долги години и тоа се одлуки кои треба да се носат врз основа на мерит систем и врз основа на извештаи добиени од релевантни органи во Министерството за здравство’, изјави Ковачевски.

Тој рече дека разговарал со министерот за здравство и дека тој денес на брифинг со новинарите требало да ја образложи одлуката, како и да се сретне со колегата Јовев за начинот на кој ќе ја продолжи соработката со него во иднина.

„Јас бев поканет на еден настан на Клиниката за кардиохирургија и бев поканет бидејќи директно учествував во обезбедувањето на финансиските средства, како заменик министер за финансии, за правење на таа хибридна сала. Многу ми е драго што бев поканет, јас протоколот не го правам туку присуствувам на настани според протоколот.

Таму се запознав со голем број врвни професионалци и лекари и со докторот кој управува со таа хибридна сала.  Станува збор за млад лекар. Сметам дека таа клиника и кардиохирургијата има одлична иднина, а ова го заклучив од  ентузијазмот на тие млади лекари“, рече Ковачевски.

Тој нагласи дека министерот за здравство е тој што назначува и разрешува директори на здравствените установи.

Поврзани новости