Ковачевски: Во Куманово во секоја втора куќа има некој кој е Србин – прабаба ми ни остави аманет да го славиме Св. Сава

by fokus

Одбележувањето на Св. Сава, националниот ден на српската заедница, за нас и за нашата држава е порака за заедништво, почит и меѓусебна соработка, бидејќи и мисијата на овој светител била да се има трпеливост, помирување меѓу луѓето, ширење на љубов и меѓусебна почит темелена на вистина и верба, рече премиерот Димитар Ковачевски во обраќањето на Светосавската академија во МНТ во Скопје.

-Почитувани мои сограѓани и од Куманово бидејќи гледам дека тука има во голем број. Можеби не секоја куќа, меѓутоа секоја втора куќа во Куманово има некој кој е Србин по род и по потекло. И затоа Куманово со целата своја разноликост претставува еден од најубавите градови во државата, токму затоа што секогаш можевме да зборуваме на многу јазици од кои веројатно произлегол и кумановскиот јазик кој за мене е еден од најубавите, меѓутоа некодифицирани јазици, рече Ковачевски за својот роден град.

Тој спомена и дека имале аманет од неговата прабаба да да го слават Свети Сава за успех во училиште.

-Мојата прабаба има оставено аманет на мојата баба Вероника, секој Св. Сава да оди во црква и да освети колач и да го подели на сите свои внуци, деца за да им оди школото. Има вистина во таа работа бидејќи во нашето семејство имало доктори, технолози, економисти, адвокати, хирурзи, добри музичари. И има некоја сила во Св.Сава што Вероника тоа го остави како аманет и на мојата мајка, мојата мајка на мојата сестра, на мојата сопруга и веројатно во наследство ќе остане и за идните генерации после тоа, додаде Ковачевски.

На академијата се обрати и претседателот, Стево Пендаровски кој посочи дека квалитетните меѓуетнички односи ги надополнуваат и добрите односи меѓу нашите две пријателски држави кои потврдуваат дека и на Балканот, билатералните односи можат да се градат со заемно почитување, без притисок и без условувања.

-Пред две години сведочевме на обновата на евхаристичкото единство меѓу Македонската православна црква ─ Охридска архиепископија и Српската православна црква. Иако, и Македонија и Србија се со устав дефинирани како секуларни држави, сепак, православните цркви низ целата наша историја, исто како и денес, се важни не само за духовниот идентитет на православните христијани, туку и за националниот и за културниот идентитет на македонскиот и на српскиот народ. Република Србија и Српската православна црква имаа конструктивен став кон ова за нас исклучително важно прашање, за што сум особено благодарен, посочи Пендаровски.

Поврзани новости