„Северна Македонија, меѓународно ја позициониравме, овозможивме нашата земја да биде почитувана и повлијателна од кога било во својата независна историја. Земјата ја донесовме пред вратите на Европската Унија, ги започнавме преговорите и успешно го завршивме скринингот. Бидејќи за сите нас, друга алтернатива не постои. Затоа Владата која ја предводам изминативе години ја обезбеди политичката стабилност, ја зачува социјалната кохезија, обезбеди економска стабилност и раст и во време на најголема криза. За мене, и за целата Влада е многу важно што Северна Македонија покажа отпорност на сите кризи. Покажа знаење, покажа енергија, покажа капацитет и резултат“.
Ова меѓудругото го изјави премиерот Димитар Ковачевски денеска на годишната конференција „Година на европски можности“, во организација на Владата.
Тој рече дека „и покрај сите предизвици, опстоивме на нашите ветувања и спроведување на нашите политики за подобар живот, стандард на граѓаните и раст и развој на компаниите“.
„Го исполнивме ветувањето за зголемување на платите. Годинава која започна е година на одлуки – одлука за европски напредок, или изолација. Трето нема! Немаме право да стоиме во место, уште помалку да се враќаме назад. Немаме право да дозволиме кочничарите да бидат погласни од прогресивните. Немаме право да дозволиме личните да бидат над државните интереси. Немаме право да ги повторуваме грешките на претходниците“ порача премиерот кој во четврток ќе поднесе оставка на функцијата.
Експресно реагираа од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
„Димитар Ковачевски на ден пред заминување од функцијата премиер, наместо да собере храброст и да им се извини на граѓаните за сите лаги, манипулации и неправди, одбра да лаже. Наместо година на европски можности, за владата на СДС и ДУИ 2023 година беше година на криминал, корупција, скандали, афери, тендери, како и сите овие 8 години. Македонија со СДС, ДУИ и Ковачевски тоне на секое поле. Ковачевски е најслабиот премиер во независна Македонија кој на нелегитимен начин беше поставен, за да ги исполнува барањата на Ахмети и ДУИ. Ковачевски не учествувал на избори и затоа не е свесен за своите неуспеси, но неговото заврши“ – се вели во реакцијата.