Ковачевски: Рудник не може да има ако тоа не го сакаат граѓаните

by Fokus

Премиерот Ковачевски во одговор на новинарско прашање денеска посочи дека Владата нема да дозволи отворање на рудници без согласност на граѓаните.

„Јасен е ставот и на Министерството за економија и на Министерството за животна средина и просторно планирање и на претседателот на Влада дека рудник не може да има ако тоа не го сакаат граѓаните на регионот каде што е дадена таа концесија односно две концесии. Концесиите се дадени од страна на ВМРО – ДПМНЕ, а рудници не се отворени благодарение на што Владата на СДСМ води постапка да не се отворат рудници“, нагласи Ковачевски.

Дополнително, тој се осврна и на концесиите за рудникот „Иловица“ кои се дадени во мандат на Влада на ВМРО–ДПМНЕ.

„Концесиите за рудникот „Иловица“ се дадени во 2012 и 2013 година од страна на Владата на ВМРО – ДПМНЕ. Не се работи за никакви нови концесии, туку се работи за концесии одобрени од страна на ВМРО – ДПМНЕ, на странски инвеститор. Второ, дека се работи за одлуки донесени уште во времето на ВМРО – ДПМНЕ заради кои одлуки државата е сега ставена во судски лавиринти. Се работи за голем број на судски одлуки од кои дел се во корист на странскиот инвеститор коишто ги има во тоа време добиено концесиите“, изјави тој.

Ковачевски потенцира дека Министерството за економија ќе ги презентираат одлуките за рудникот на владина седница.

„Она што е интенција на Владата е прво, било која одлука во делот на отворање на рудник да биде во согласност со очекувањата на граѓаните. Односно, ако граѓаните во општините во струмичкиот регион, односно во југоисточниот плански регион Струмица, Ново Село, Василево, Босилово се против отворање на рудници, тогаш рудници нема да има“, дециден е премиерот.

Поврзани новости