Премиерот Димитар Ковачевски останува на ставот дека по порастот на минималната треба да растат и останатите, но, како што вели, не наеднаш затоа што тоа може да предизвика инфлаторен притисок.
Разговорите со синдикатите за да се изнајдат решенија продолжуваат, нагласува Ковачевски, но не е добро што прво се најавија или веќе се организираат штрајкови како форма на притисоци, за тоа што на крај решение со кое ќе бидат задоволни сите мора да се најде низ преговори.
– Сметам дека треба да се зголемуваат сите плати, меѓутоа тоа зголемување на платите треба да се прави низ методолошка рамка којашто нема да биде направена веднаш во еден момент затоа, што тоа може да предизвика дополнителен инфлаторен притисок од кој никој нема да има полза со оглед на тоа што зголемена инфлација само ќе ги изеде приходите коишто ги имаат работниците.
Од таа причина и МТСП и вицепремиерот за економски прашања и министерот за финансии и министерот за образование се во постојани разговори со сите синдикати коишто покриваат различни гранки од општеството, рече премиерот во одговор на новинарско прашање.
Тој потсети дека од 2017 година наваму, најголемиот дел од платите се зголемени за повеќе од 20 проценти. Во образованието, рече, платите беа зголемени кумулативно 21 процент во изминатите години, платите на лекарите беа зголемени, исто како и капитациите за здравството. Тој додаде дека сето тоа е постигнато со разговори и оти така ќе се продолжи и во наредниот период.
– Меѓутоа, исто така има една важна работа. Не е добро за економско-социјалниот дијалог прво да се најави штрајк, а потоа под притисок да се доаѓа на разговори со Владата. И во такви услови Владата разговара нормално со сите претставници на синдикатите и јас сум сигурен дека на крајот на денот ќе изнајдеме решение коешто ќе биде на обострано задоволство и на работниците и секако на оние коишто ги плаќаат даноците за да се исплаќаат тие плати, рече Ковачевски.
Посочи дека ги замолил сите синдикати кои учествуваа во социјалниот дијалог, минималната плата да не биде причина за отпочнување на протести во однос на зголемувањето на платите.
– Зошто? Затоа што тоа се работниците коишто работат во фабрики, кои работат во услужни сектори, кои доминантно работат со 85 до 90 проценти од сите вкупно вработени на минимална плата во приватниот сектор. Тој приватен сектор ги плаќа платите на сите коишто работат во јавниот сектор. Јавниот сектор има 138 илјади вработени. Тие 138 илјади вработени ги примаат своите плати благодарение на придонесите, на даноците коишто ги плаќа приватниот сектор. И тоа не треба да биде причина да се врши притисок и да се прават протести, истакна Ковачевски.