Процеси коишто се од стратешко значење не можат да бидат предмет на уценување. Прашањето за уставите измени е сериозно, тоа е државничко прашање. Ние започнавме преговори со ЕУ, во тек е скрининг процесот и сега се зависи од нас, изјави денеска на прес-конференција премиерот Димитар Ковачевски.
Ова, нагласи Ковачевски, е прашање на принципи – дали некој го поддржува европскиот пат или не го поддржува европскиот пат.
– Условувања за вакво прашање се навистина неприфатливи. Наместо тоа јас повикувам, повикував и ќе повикувам на широк општествен и политички консензус за европскиот пат на државата, нагласи Ковачевски.
Во однос на ставот на Беса за уставните измени, Ковачевски повтори дека не функционира под притисоци и уцени, нагласувајќи дека изборите ќе бидат во 2024 година и тоа е веќе апсолвирано прашање и оти не е фер кон граѓаните вакви клучни прашања да бидат предмет на дневна политика, да бидат предмет на борба за некакви ситни поени.
Ова, посочи тој, не е последната одлука до зачленување на Северна Македонија во ЕУ, додавајќи дека уште тешки одлуки ќе има на тој пат, кој појасни дека е неповратен процес и единствено може да биде закочуван од страна на оние коишто се противат на членството на Северна Македонија во ЕУ.
– Таква партија има. Тоа е партијата Левица. Таа веќе има земено друга партија во свое заложништво, тоа е партијата ВМРО-ДПМНЕ. И јас не сакам да верувам дека господинот Касами се има, исто така, ставено во позиција да бидеш заложник на партијата Левица, изјави Ковачевски.