Ковачевски: Не е точно дека со ДУИ подготвуваме бојкот на вториот круг на претседателските избори

by Fokus

Димитар Ковачевски – лидерот на СДСМ денеска изјави дека не е точно дека заедно со ДУИ подготвуваат сценарио за бојкот на вториот круг на претседателските избори на 8 мај.

„Тоа не е точно, јас вчера имав многу јасна порака на митинзите во Сарај и Чучер Сандево. Ги повикувам сите гласачи масовно да излезат на 8 мај и да ги поддржат претседателскиот кандидат Стево Пендаровски и коалицијата За европска иднина на парламентарните избори. Да избереме и претседател и парламентарен состав, Македонија да продолжи на својот пат на европските инетеграции“ – рече Ковачевски.

Порача дека никој не ги има гласачите под своја контрола за да ги наведува како да гласаат.

„Ја примивме пораката во првиот круг за сите грешки кои ги направивме минатите седум години. Очекуваме да ја добиеме поддршката во вториот круг. Нормално е дека нашето членство го повикавме на изборите. Свесни сме дека граѓаните испратија јасна порака до СДСМ, дека граѓаните укажаа на грешките. Работевме во услови на голема пандемија, енергетска и економска криза предизвикани од војната во Украина. Свесен сум за нивото на инфлација и цените. Се обидовме да ги зголемиме и платите и пензиите секој да се справи на најдобар начин со оваа криза. Знам дека тоа не беше доволно, знам дека треба повеќе. Во новата програма имаме и зголемување на платите и на пензиите и секако многу јасни мерки во однос на владеење на правото и борбата против корупцијата“ – кажа Ковачевски.

Очекува во вториот круг поддршка од сите граѓани во Македонија. Рече дека Пендаровски е граѓански кандидат и ја бара поддршката од граѓаните.

 

Поврзани новости