Лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски оствари средба со претседателот на Стопанската комора Бранко Азески и претставници на компаниите членки на комората, на која се разговараше за ефектите од досегашните мерки за приватнот сектор и економијата, предлозите на Комората, како и за идните мерки од програмата на СДСМ.
Ковачевски пред почетокот на средбата во изјава за медиуми посочи дека средбите со бизнис секторот се секогаш добредојдени, особено во период на предизборие, за да се слушне гласот на бизнис заедницата, нивните ставови и предлози за креирање на идните политики за развој на економијата.
-Владата што јас предводводев, владата предводена од СДСМ, воспостави партнерски однос помеѓу стопанството и државата. И секогаш кога се носеа одредени мерки, особено во време на ковид кризата и енергетската криза, беше консултиран бизнис секторот. Само на овој начин ќе имаме ефикасни мерки и политики кои ќе ја движат економијата напред – истакна Ковачевски.
Притоа, тој нагласи дека економијата беше високо на листата приоритети додека бил претседател на Владата, бидејќи, според него, не можеме да се зборува за напредна и развиена држава, ако нема силна и развиена економија, здрав приватен бизнис сектор кој ќе ја движи економијата и ќе генерира нови работни места.
-Во мандатот на Владата предводена од СДСМ вложени се 100 милиони евра со кои се поддржани 919 компании. Со оваа поддршка компаниите реализираа 500 милиони евра инвестиции. До 2017 година, имаше нула поддршка за домашните компании, единствена поддршка добиваа странските компании кои инвестираа во државата.
А денес, само преку инвестициските циклуси на компаниите се отворија над 5.000 домицилни работни места, со достоинствени плати за нашите сограѓани. Тоа се компании кои растеа со оваа државна помош и кои денес претставуваат дел од извозниот потенцијал на нашата држава – рече Ковачевски.