Ахмети ја прошири коалицијата со уште една турска партија: Оваа држава да биде мајка за сите

by Фокус

„Европскиот фронт“ предводен од ДУИ денеска се прошири со Движењето на Турците на Македонија за правда и демократија. Коалицискиот договор за заеднички настап на изборите го потпишаа лидерот на ДУИ Али Ахмети и претставниците Салих Мурат и Сулејман Баки од Движењето на Турците на Македонија за правда и демократија.

По потпишувањето на договорот, Ахмети уште еднаш повтори оти обединувањето во „Европскиот фронт“ не е привремено, туку долгорочно со цел, како што кажа, реализирање на работите кои сè уште се останати недовршени.

-Има многу нешта за да ги истакнеме – правичната застапеност, остварувањето во пракса на албанскиот, турскиот и ромскиот јазик. Секако дека има уште многу работи да се прават, но главната цел на целиот на овој фронт е нашата земја да ја зачлениме за кратко време во Европската Унија. Ние ќе се бориме во овој фронт со цел оваа држава да биде мајка за сите – рече Ахмети.

Тој додаде оти борбата на оваа „Европскиот фронт“ е насочена кон тоа земјава да биде „мајка“ за сите и за еднаквост на сите етнички заедници во државата.

Според него, војната во 2001 година не донела подобрување само кај Албанците, туку кај сите заедници.

Досега кон „Европскиот фронт“ предводен од ДУИ се приклучија Демократската партија на Албанците, Европската демократска партија, Народното движење, крилото на Зијадин Села од Алијанса за Албанците, Унијата на Ромите, Демократската партија на Турците.

Поврзани новости