По Грција, сега и Италија ќе го чува небото над Македонија

by Fokus

По Грција, во заштитата на небото над Македонија се вклучи и Италија, во рамките на колективната одбрана на НАТО за заштита на небото над земјите-членки.

Техничкиот договор за вклучување на италијански воен авион за патролирање на територијата на Северна Македонија денеска официјално го потпишаа министрите за одбрана на двете земји.

„Често спомнуваме дека Алијансата е приказ на сојуз и единство што зборовите не можат да го изразат за она што можеме да го видиме на дело. Италијанските и грчките воени авиони во координација со македонската воена авијација гарантираат безбедност на небото над Република Северна Македонија“ изјави министерката за одбрана Славјанка Петровска.

Заблагодарувајќи се на италијанскиот министер за одбрана Гвидо Крочето, таа рече дека фактот што италијанскиот авион ќе ја гарантира безбедноста на воздушниот простор на Северна Македонија е доказ за целосна меѓусебна доверба.

Според Петровска, системот на колективна одбрана е една од клучните предности што произлегуваат од членството во НАТО.

За италијанскиот министер за одбрана, потпишувањето на денешниот договор е историски чин на италијанска одговорност за небото над Северна Македонија.

„Италија, заедно со Грција, ја презеде одговорноста за небото над Северна Македонија, а тоа повеќе од сите зборови сведочи за тоа колку е важно да се биде дел од НАТО“, истакна Крочето.

Поврзани новости