Ковачевски: Криминално-тендерското владеење на ВМРО – ДПМНЕ излегува на виделина

by Fokus 13:40
13:40

На повидок е нов финансиски скандал поврзан со парите за реконструкцијата на железничката линија Битола-Кременица. Според објавениот тендер и потпишаните договори за реконструкција, работите на оваа делница требаше да завршат до крајот на минатиот месец, односно до 30 јули оваа година, обвини пратеникот од СДСМ од Битола, Васко Ковачевски.

– Како што може да се види, состојбата на терен не е како што би требало да биде. Потврда за ова дојде и од изведувачот на работите. Бугарската фирма Водстрој потврди дека е завршено само околу само околу ¼ од предвиденото. Тие упатуваат на одредени тековни проблеми во работењето, а се соочуваат и со ненавремено префрлување на финансиите – истакна Ковачевски.

Според него, токму заради проблемите со финансиите, голем дел од фирмите подизведувачи подолго време немале добиено ниту денар за извршените договорни работи.

– Според наши информации, само за градежните активности и превоз со камиони фирмите подизведувачи побаруваат повеќе од 1 милион евра. Ако на ова се додаваат и неисплатените обрски за тампон, бетон, железо и други материјални набавки и услуги, долговите од изведувачот кон фирмите добавувачи и изведувачи надминува повеќе милиони евра. Каде се парите? Зошто не се исплатени домашните фирми-подизведувачи? Особено ако се знае дека средствата во износ од 19,9 милиони евра се веќе обезбедени како неповратни средства од ИПА 1 – трета компонента, наменети за изградба на железничка инфраструктура – додава Ковачевски.

Тој вели дека ако се знае дека договорот со ЕУ е потпишан уште од ноември 2010 година, дали постои опасност Македонија да ги изгуби и овие средства поради некадарноста на власта?

Кој ќе ја гарантира исплатата на средствата? Дали, со намера да се забошоти овој случај, се вклучува нова фирма од Тетово која ќе ги продолжи работите на пругата? ВМРО ДПМНЕ се повлекува, во бизнисот влегува ДУИ…Ги повикуваме надлежните институци, Министерството за финансии, Министерството за транспорт и врски, УЈП… ВЕДНАШ да направат контрола и увид во сосотојбите. Криминално-тендерското владеење на ВМРО ДПМНЕ излегува на виделина секојдневно. Одговорност за ваквите состојби МОРА да има! – тврди Ковачевски.

 

Поврзани новости