Силвија Арнаудова искрено за ,,Фокус,, Делото на Гоце Арнаудов заборавено од институциите

by Fokus

Гоце Арнаудов, фолк легендата чии што еуфорични настапи и хитовски песни останаа врежани во македонската музичка историја, пет години по смртта како да падна во заборав од институциите. Неговата сопруга Силвија Арнаудова, која што живее во Струмица е разочарана од тоа како може никој да не се заангажира или пак заинтересира како живее неговото семејство, како таа, како вдовица на еден од најголемите патриоти кој што беше амбасадор на македоската песна го продолжува секојдневието бев својот животен столб, без никаква помош од државата, без пензија, на грбот на своите деца.

,,Гоце беше целиот мој живот. Знаев колку му е важна кариерата, затоа и му се посветив нему, на нашите две деца, на домот, семејството. Не се ни трудев да градам моја кариера, бев и мајка и татко, поради неговите чести турнеји и работни обврски. И не жалев поради тоа, мојот сопруг го живееше животниот сон, беше нашиот голем музички амбасадор, а јас бев горда што сум му поддржка, не надевјќи се дека еден ден ќе го живеам животот кој што го имам денес” – раскажува Силвија.

Таа додава дека не е од оние кои што сакаат да бидат сожалувани, не сака да бара од никого ништо, отсекогаш била достоинствена.

“Но вистината е тоа дека јас, сопругата на нашата најголема фолк легенда во изминативе децении, немам никакви примања, никаква пензија наследена од мојот сопруг, паднаа во вода ветувањата дека постхумно ќе биде прогласен за национален уметник, за заслужна личност… Никого конкретно не обвинувам, но мислам дека е голема неправда семејството на Гоце да биде заборавено, да се заборави неговото дело… Жално е да кажам, но јас сега живеам на грбот на моите деца, кои што фала му на Бога се полнолетни, одговорни, но сепак и тие заслужуваат да имаат свој живот, да не мислат на мене, на тоа како јас ќе преживеам ако не се тие, во финансиска смисла,, – вели Силвија.

Според неа, таа е во години кога заслужува да има мирен живот, а не да го чека секој нов ден со неизвесност. Немала работно искуство, но ја немала веќе и младоста која што е неопходна за да се работи.

,,По смртта на Гоце, многумина ме потапкаа по рамо, слушнав многу ветувања, посведочив на многу неостварени ветувања… Ми се јавуваат обожаватели на Гоце од Австралија, Америка, ме прашуваат како сум, дали ми треба нешто. Што да им кажам? Да им кажам дека сум забораваена, оставена без никакви приходи, да им барам ли помош? Никогаш тоа не би си го дозволила. Мислам дека имаме надлежни институции кои што треба да го решат тоа прашање и без самата јас да реагирам и да барам нешто. Но доколку тие сметаат дека семејството на Гоце не заслужува ништо по неговата смрт, дека јас треба да живеам без пензија и да се снаоѓам како што знам и умеам, така нека биде. Оставам на свеста и совеста на надлежните. Не ги адресирам моите зборови до никого конкретно, ниту до Минитерство за култура, ниту до власта, оставам само на совеста на нашата Македонија која што мојот сопруг ја носеше во срцето,, – вели Арнаудова.

14081069_10210071445526400_875125949_nИ нејзината ќерка Харита, сеуште е неутешна по својот татко.

,,Да не ни го земеше Господ, денес татко ми ќе наполнеше 62 години,, – вели ќерката на фолк легендата. ,,Конкретно околу зачувување на делото на татко ми нема ништо ново, има безброј иницијативи нема некоја реализација, јавноста знае за споменикот во Струмица, откриен пред две години на неговиот роденден, отворена е фондација ,,Гоце Арнаудов,,… Немам што да кажам ново, не е баш некое најдобро време за македонската музика, среќа што тоа што Гоце го оставил останува да живее со народот, веруваме ќе дојдат подобри времиња кога ЗАМП, ММИ, СОКОМ и сите останати здруженија за заштита на авторски и изведувачки права ќе функционират како што треба … Верувам во подобри времиња, а дотогаш верувам во добрата музика и дека повторно ќе се вратиме на нашето…Поубава песна од нашата нема,, – ни изјави Харита.

За струмичанецот кој што зад себе остави околу 200 песни, пет години беше прогласуван за најпопуларна личност во Македонија, над 60 пати освои прво место на разни фолк фестивали и остави ризница со хитовски песни кои што и до ден денешен се слушаат, пред две години доби споменик во Струмица и се отвори фондацијата ,,Гоце Арнаудов,,.

Од многуте најави дека за него ќе се објави автобиографија, ќе се сними документарен филм, ќе се направи нешто за да му се сочува делото од заборав, најверојатно останаа само ветувања. Фондацијата отворена во негова чест сеуштепостои, но не е активна, бидејќи функционираше според концептот на донации од хумани луѓе за помош на млади талентирани музичари, а во денешно време, за македонска народна музика, народот тешко го одврзува ќесето.

Поврзани новости