Ковачевски: Кој и да биде избран, ќе работиме заедно

by fokus

Кандидатот за претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски во изјава за „Фокус“ вели дека кој и да победи во трката за лидер, сите заедно ќе продолжат да работат во партијата.

Сите ние сме партиски другари и кој и да биде избран заедно ќе продолжиме со работа во партијата.
Мојата кампања се одвива преку медиумска презентација на програмата и преку директни контакти со членовите и раководствата на општинските организации на СДСМ ширум државата.
Задоволен сум од досегашниот тек на кампањата и од вклученоста на членовите на партијата, мои партиски другари и другарки, вели Ковачевски за „Фокус“.

Што се однесува до предлогот на противкандидатот Јован Деспотовски преку заедничка дебата да ги презентираат програмите, Ковачевски вели дека се договориле да не излегуваат на дебата преку медиумите.

Тројцата потврдени кандидати за избор за Претседател на СДСМ за вонредните внатрепартиски избори заедно со Централната изборна комисија на СДСМ се согласивме за наш единствен политички став дека нема да излегуваме во јавноста преку медиумите на заедничка дебата. Нашето претставување и претставувањето на нашите програми ќе биде само поединечно и во рамките на партијата, рече Ковачевски.

Тој досега доби јавна поддршка од актуелниот партиски лидер и премиер, Зоран Заев, како и од министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

К.С.Б.

Поврзани новости