„Ако некој добро знае што зборуваат граѓаните, тогаш тоа сум јас. Точно знам дека граѓаните се незадоволни од дел од работите што се случуваа изминатиот период во однос на цените, владеењето на правото, борбата со корупцијата. Можам да кажам дека ако некој е одговорен за тоа, со оглед дека јас бев две години премиер, тогаш јас сум одговорен и ја земам одговорноста и за грешките и за успесите“ рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски во интервју за „Фронтлајн“.
Тој додаде дека во овие два и пол месеци, откако не е веќе премиер, има голем број на партиски активности и секојдневно е на средби со граѓаните.
„Граѓаните се изморени од процесот на европска интеграција, понекогаш и јас го чувствувам тоа, но тоа е единствениот процес кој во државата може да донесе позитивни промени. Заради тоа знам дека граѓаните ќе изберат опција на изборите која ја предводиме СДСМ и Коалицијата за европска иднина и претседателскиот кандидат Стево Пендаровски“ рече Ковачевски.
Претседателот на СДСМ додаде дека на тој начин граѓаните може да изберат извесна европска иднина за Македонија.