Ковачевски и Жоли разговарале за зајакнување на економските и билатералните врски меѓу Македонија и Канада

by Fokus

Зајакнување на билатералната соработка меѓу Северна Македонија и Канада, и зајакнување на економските врски меѓу двете земји,  нагласено на денешната средба меѓу премиерот Димитар Ковачевски и канадската министерка за надворешни работи Мелани Жоли.

Од Владата соопштија дека на средбата меѓу Ковачевски и Жоли присуствувала и министерката за одбрана Славјанка Петровска.

„Заеднички беше нагласено уверувањето дека денешната посета и разговори ќе дадат нов импулс во зајакнувањето на билатералните односи и взаемната соработка, посебно поради фактот што станува збор за прва посета на канадски министер за надворешни работи на нашата држава“, соопшти Владата.

Ковачевски на средбата го поздравил негувањето на традиционалното пријателство и богата и сестрана соработка меѓу двете земји, посебно на мултилатерален план.

„Стабилна основа за натамошно севкупно унапредување на соработката помеѓу двете држави дава потпишувањето на Декларацијата за соработка и стратешко партнерство од 2018 година“, соопшти Владата.

Од Владата велат дека посебен фокус на средбата е даден на зајакнување на економските врски меѓу Канада и Северна Македонија, и дека заеднички е оценето дека постојат огромни можности за инвестиции во земјата во различни сфери.

Ковачевски го потенцираше и значењето на бројната македонска заедница во Канада, која е значаен дел од богатиот канадски мозаик на култури и народи, и која давала и ќе продолжи да дава значаен придонес во градењето и зајакнувањето на Канада, соопшти Владата.

„Нашата заедница е значен мост меѓу двете држави која воедно помага и во градењето на нашите меѓусебни врски“, истакна премиерот Ковачевски.

Ковачевски се заблагодарил за постојаната цврста поддршка од Канада за имплементирање на реформските процеси, за да се обезбеди напредок на нашата држава на планот на евроинтеграциите.

„Премиерот е уверен дека Северна Македонија ќе застане во одбрана на националните и стратешки интереси, а тоа е преземање конкретни чекори кон обезбедувањето на членството во ЕУ“, соопшти Владата.

Ковачевски на Жоли и се заблагодарил за силната поддршка на Канада за нашето членство во НАТО, и додал дека  Северна Македонија е почитувана и одговорна членка на трансатлантската заедница.

„Длабоко го цениме партнерството со Канада како НАТО сојузници и ќе продолжиме да се однесуваме одговорно“, рече Ковачевски.

Жоли рече дека има недвосмислена поддршка и интерес на Канада за што побрзо членство на Северна Македонија во Европската Унија и дека денес повеќе од било кога, западниот свет треба да биде обединет. Според неа Северна Македонија, како негов интегрален дел тоа го покажува споделувајќи ги истите вредности и заложби.

 

Поврзани новости