Ковачевски и Ахмети го убедувале Гаши, но Алтернатива не дава министерства за Алијанса

by Фокус

Генералниот секретар на Алтернатива, Зеќирија Ибрахими, посочи дека претседател Африм Гаши имал средба со премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на ДУИ Али Ахмети во Владата.

Како што кажа Ибрахими, на средбата се отворило како прашање дека можно е да нема мнозинство во Собрание, затоа е потребно да се прошири коалицијата и со Алијанса за Албанците.

Сепак, според него, за Гаши не било прифатливо влезот на Алијансата да биде на сметка на Алтернатива и губење на ресорите кои ги води.

-Ние кога станавме дел од оваа Влада потпишавме договор за коалицирање и тој договор треба да се почитува. Нашите пратеници се стабилни и се дел од владиното мнозинство. Што се случи во меѓувреме? Каде исчезнаа пратениците? Тоа ние не го знаеме. За тоа нека размислуваат тие што изгубија пратеници – вели Ибрахими алудирајќи на пратениците на „огнената група“ од ДУИ.

Тој смета дека нема потреба од проширување на мнозинството со Алтернатива.

-Во случај некоја партија да нема бројки, тогаш кажете ни. Ние имаме договор потпишан, сега значи дека тој договор не се почитува? Ние се уште не ги добивме ресоритe што ги договоривме, сега ни велат да ги пуштиме и овие што ги имаме. Како да им веруваме на овие луѓе? На Алтернатива не и смета Алијанса за Албанците да влезе во Влада, нас ни смета кога некој не го почитува тоа што го договоривме – порача Ибрахими.

Поврзани новости