Ковачевски: Договорот со „Бехтел и Енка“ не е државна тајна, туку има степен на доверливост

by Fokus

„Не е државна тајна туку има степен на доверливост“ рече премиерот Димитар Ковачевски за договорот помеѓу Македонија и „Бехтел и Енка“. Тој ова го наведува како причина зошто не го дава договорото да го види јавноста.

Ковачевски прашан како Владата потпишала договор со кој ветува дека ќе менува закони со цел да се испочитуваат барањата на странски компании немаше конкретен одговор, а новинарите ги упати на брифинг со министерот за транспорт и врски и со управувачкиот комитет.

Договорот не може да биде декласифициран оти не е ниту класифициран, туку има клаузула за доверливост на дел од истиот, па Ковачевски рече:

„Се работи за договор како и секој друг, со договорни страни, кои определуваат степен на доверливост. Од договорните страни зависи кои делови се доверливи и што може да се достави до јавноста“.

На прашање дали некогаш овој договор ќе биде јавно објавен, Ковачевски рече:

„Се работи за договор како што има и други договори склучени со други компании. Станува збор за проект, со проектирање и изведба во кој што во договорот, како и секој друг договор, има ниво на доверливост, бидејќи има компании наведуваат како работат, произведуваат и нормално како во секој договор – не сакаат тие деловни тајни да бидат достапни до поширока јавност“.

Премиерот посочи дека договорот ќе го видат само институциите.

„Кога Обвинителство ќе го побара договорот, ќе го добијат согласно процедурите бидејќи имаат степен на доверливост, сертификат кои таму работат. И направив уште еден повик, можеби петти пат го повторувам. Ги повикувам Владата на САД и Турција да кажат дали некој од нив или компаниите од нивните земји има нешто побарано во врска со овој проект. Зошто? Бидејќи опозицијата обвинува дека некој сакал преку овие компании да оствари одредена корист и затоа ги повикувам и нив да дадат свој став“, смета премиерот Ковачевски.

Поврзани новости