Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски изјави дека врз неговата работа нема политичко влијание, оценувајќи го извештајот на Европската комисија за правосудството како реален и објективен. Тој посочи на напредок во транспарентноста и борбата против високата корупција, но и на сериозни предизвици како недоволниот буџет и недостигот од кадар во Обвинителството. Информираше и за предметот за пожарот во дискотеката во Кочани, нагласувајќи дека обвинителството постапува согласно законските надлежности.
Прашан дали се размислува за раздвојување на предметот поврзан со пожарот во дискотеката во Кочани, Коцевски рече дека најверојатно тоа нема да се направи, дополнувајќи дека ЈО има искуство со поголем број обвинети во еден предмет.
-Јавното обвинителство тргна токму од тие околности, дали може да се раздвои постапката или не може да се раздвои имајќи ги предвид низа околности. Ако се раздвоеше постапката, можеби ќе се комплицираше, а се работи за ист кривично-правен настан, што значи дека доколку таму во една постапка бидат обвинети, во друга постапка може да бидат сведоци и така натаму. Меѓутоа има и од претходното искуство што имаше предмети со над 30 обвинети. Сметам дека не е бројката многу голема и чекаме сега одобрување на обвинителниот акт. Тоа е еден предмет, а другиот предмет, се надевам дека некаде во почетокот на септември ќе заврши истрагата за полициските службеници што е предметот во организиран криминал, истакна Коцевски.