(ЕКСКЛУЗИВНО) За 916.113 евра се продаде атрактивното земјиште на Мијалков во Гевгелија

by valentina 16:02
16:02

За точно 916.113 евра се продаде земјиштето на екс директорот на УБВ, Сашо Мијалков во Гевгелија.

Електронската аукција се изврши вчера, и од Агенцијата за управување со одземен имот ни одговорија дека истата завршила успешно.

-Аукцијата за градежното земјиште на КО Богородица беше успешно завршена и истата се продаде во износ од 56.341.000 денари, одговорија за ,,Фокус” од Агенцијата.

Оттаму појаснуваат дека се уште не можат да ги откријат останатите податоци, како и името на новиот сопственик бидејќи купувачот се уште не го уплатил понудениот износ.

Многу е веројатно дека на акуцијата бил пријавен само еден заинтересиран купувач, бидејќи од почетната цена, продажбата завршила со наддавање од само 4.000 денари.
Поточно земјиштето се продаваше со почетна цена од 56.337.000 денари, а се продаде за 56.341.000 денари.

„Почетна продажна цена утврдена согласно Процената на Министерството за правда – Бирото за процени бр. CB/EL V 2/24-2 од 12.08.2024 година е во износ од 56.337.000 денари”, се појаснуваше во огласот објавен од Агенцијата за управување со одземен имот.
Тоа значи дека проценителите оцениле дека ова земјиште, составено од 8 парцели, со вкупна површина од речиси 19.000 квадратни метри, вреди најмалку 49 евра од квадрат.

ОБВИНИТЕЛСТВОТО ГО ПРОЦЕНИ ИМОТОТ ЗА МНОГУ ПОВРЕДЕН

Како што неодамна објави неделникот ,,Фокус”, ако се вратиме само три години наназад, математиката на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција беше поинаква. Според информациите што тогаш ги имале, имотот вредел многу повеќе.
Имено, кога обвинителството јавно сподели дека се спогодиле со Мијалков, односно дека признал вина за случајот „Империја“, објавија детали за имотот што му го запленуваат. На долгата листа се најде и земјиштето во Гевгелија, запишан во катастарска општина Богородица, со ИЛ 1501. За официјален сопственик беше наведена компанијата „Бет Ком“, на која, пак, сопственик ѝ беше правното лице „Ексико“. Оваа офшор-компанија, пак, со пресудата за „Империја“ се утврди дека е на семејството Мијалкови.

Сите осум земјишта беа наведени со точна катастарска парцела и точна површина, а истите податоци се најдоа и во огласот на Агенцијата.

– земјиште лоцирано на КП 3178/4 викано место Милци, во површина од 97 м2,
– земјиште лоцирано на КП 3180 викано место Горка, во површина од 309 м2,
– земјиште лоцирано на КП 3181 викано место Милци, во површина од 15004 м2,
-земјиште лоцирано на КП 3182 викано место Милци, во површина од 236 м2,
– земјиште лоцирано на КП 3189 викано место Милци, во површина од 24 м2,
– земјиште лоцирано на КП 3192 викано место Милци, во површина од 926 м2,
– земјиште лоцирано на КП 3196/1 викано место Милци, во површина од 1918 м2 и
– земјиште лоцирано на КП 3205/1 викано место Милци, во површина од 265 м2.
Вкупната вредност, пак, беше пресметана на 276.750.000 денари или 4,5 милиони евра.
Оваа сума паѓа в очи кога ќе се види и актуелниот оглас за продажба, бидејќи направената проценка сега е многу пониска, односно разликата е во неверојатни 3,6 милиони евра!

КОЈ Ѝ ФРЛИЛ ОКО НА ПАРЦЕЛАТА ИДЕАЛНА ЗА КАЗИНО?

Како се случило сега имотот да е вреднуван речиси четирипати помалку, прашавме во Агенцијата за управување со одземен имот, но и во Бирото за проценка. Сепак не добивме ниту одговор, ниту појаснување.

Кога обвинителството го заплени овој имот, го вреднуваше како вистинско богатство, бидејќи станува збор за атрактивна локација во близина на границата со Грција. Парцелата е идеална за изградба на казино, а за таа намена и ја купил екс директорот на УБК.

Во отсуство на официјално појаснување, останува само неофицијално да се нагаѓа зошто цената вртоглаво се намалила?
Како што дознаваме, Обвинителството, оваа вредност од 4,5 милиони евра ја извлекло од документацијата што била прибавена за судскиот случај, односно Мијалкови имале направена проценка на земјиштето потребна за добивање банкарски кредит.
Едно од објаснувањата може да биде дека оваа проценка уште тогаш не била реална, односно била „надувана“ за да се извлече поголем кредит. Или, пак, другата можна варијанта е дека веќе имало заинтересиран „инвеститор“ на кого му се овозможило парцелата да ја „лапне“ по екстра поволна цена.

Валентина Вурмо

Слични вести