Градоначалникот на Велес од редовите на СДСМ, Аце Коцевски, за 24 Вести изјави дека не може да ги контролира постапките и да се меша во одлуките на неговиот братучед, чија фирма е една од 79-те кои добија неповратни средства за проекти од Фондот за иновации и технолошки развој, пишува порталот Фактор.
– Јас имам своја фирма и сметам дека е неетички да конкурирам за грант како функционер, но не можам да ја контролирам волјата на членови од мојата фамилија, кои не се дел од моето потесно семејство. Разбирам дека јавноста е сензитивна, но треба и да знае до каде можам да делувам јас, вели Коцевски за 24 Вести.
ВМРО-ДПМНЕ објави дека станува збор за компанијата Хемија-Комерц ДООЕЛ од Велес која е во сопственост на Трајче Трајков прв братучед на градоначалникот од Велес, Ацо Коцевски. Блискиот роднина на градоначалникот Коцевски со неговата фирма Хемија-Комерц која се занимава со технолошка индустрија добил 2.7 милиони денари или околу 45 илјади евра за проектот „Сопствено производство на готови керамички маси за производство на трпезни керамички садови“.