Катругалос: Наскоро авионско поврзување меѓу Атина и Скопје

by fokus

За перспективите што ги отвора Договорот од Преспа, за идната соработка меѓу Скопје и Атина, за реакциите во Грција и резултатите од истражувањата на јавното мислење, говори меѓу другото, алтернативниот шеф на грчката дипломатија, Јоргос Катругалос во интервју за МИА.

Катругалос во разговор со дописничката на МИА од Атина, вели дека со решението меѓу двете земји се отвора нова ера на Балканот, најавува дека наскоро авионското поврзување на Атина и Скопје ќе биде реалност, користејќи го неговото знаење како професор по уставно право вели дека Договорот од Преспа не остава простор во иднина одново да се преговара и изразува убеденост дека грчкиот парламент ќе даде зелено светло кога ратификацијата ќе се најде на дневен ред.

-Сите признаваме дека по Договорот од Преспа но и со претстојниот договор меѓу Грција и Албанија, започнува една нова ера на Балканот. Период на мирна соработка што ќе донесе само придобивки за граѓаните на сите држави од балканскиот полуостров. Но, Договорот, не е важен само за нашето „соседство“. Во период кога во Европа кулминираат феномени на ксенофобија и шовинизам, нашите две земји испраќаат една позитивна порака на помирување и мирен соживот – вели тој.

Во врска со реакциите во двете земји против Договорот, според Катругалос националистичките сили во двете земји не сакале решение, бидејќи се хранат, како што вели, со пролонгирањето на спорот.

– Секако, сфаќам дека многу обични луѓе, многу патриоти се против договорот, некои поради недостаток на информации, други од емоционални реакции. Ние како влада одлучивме да продолжиме кон Договорот од Преспа и покрај било каква политичка цена, бидејќи веруваме дека тоа ќе биде од корист за грчкиот народ, но и за народот од соседната земја. На секој чекор сé до финализирањето на договорот, должни сме, колку е можно подобро да ги информираме нашите народи за да се ограничат реакциите.

На прашање каква порака би испратиле на граѓаните на соседната земја, Катругалос одговара.

– Сакаме да бидеме не само соседи, туку и пријатели и соработници. Ништо не нѐ разделува, а имаме многу да добиеме. Грција се стреми да биде фактор на стабилност во регионот и посакува да има одлични односи со сите соседни држави, особено со вашата. Од моментот кога договорот ќе биде целосно имплементиран, тогаш ќе бидат видливи, не само политичките и економските придобивки, туку и уште поголемото приближување на нашите народи, особено на нашите млади луѓе – порачува тој.

Поврзани новости