Костовски: По наредба на Грујевски прислушуваните се ставаа во категории- СДСМ, бизнисмени, новинари…

by fokus

Нелегалното прислушување во УБК, се вршело по одредена шема, односно таргетите биле лоцирани во неколку категории, или случаи.

Па така, на пример прв случај биле функционери од СДСМ, потоа втори биле политичари од албанскиот блок, трет случај биле припадници на бизнис заедницата, четврт новинарите, а петти случај лица кои биле прислушувани за оперативни потреби.

Ова на денешното рочиште за случајот „Таргет и Тврдина“, го откри сведокот Звонко Костовски, пред чии очи се случило долгогодишното нелегалното прислушување.

Тој појасни дека ваквата селекција на лицата кои се прислушувале била по наредба на Горан Грујевски.

-По усна наредба на Грујевски и на началничката Надица Николич, маркирачите добиваа ливче со бројот кој треба да се прислушува и псевдоним, и во кој случај да се стават. Исто така му кажуваа на маркирачот кои лица ќе имаат пристап до одредени телефонски броеви, истакна сведокот Костовски.

Пристап да слушаат имале повеќе лица или групи, а една од нив била група со назив „Важно”, во која биле Сашо Мијалков, Горан Грујевски и Надица Николиќ.

Маркирачот нарачки за прислушување добивал и по телефон, појасни сведокот, а тоа се случувало по работното време, кога Грујевски или Николич биле дома.

-Едно време Грујевски забрани да се даваат броеви за маркирање по телефон, зошто може некој да прислушува, рече сведокот.

Тој појасни дека откако стигнал новиот систем за прислушување „Најс“, Грујевски барал од него да ги исклучи камерите, да ги извади хардисковите од стариот систем „Верин“, за да ги уништат, но тој одбил и го посоветувал да не го уништуваат системот бидејќи се водела постапка за неговата набавка.

-Грујевски ми рече нема што ние да мислиме, тоа ќе го мисли правниот тим во МВР, рече Костовски, додавајќи дека системот што се планирало да се уништи бил во функционална состојба и дека бил прв меѓу системите за прислушување.

На прашање на обвинителот Трајче Пеливанов, дали овој систем ги паметел сите активности, тој одговори дека за се останувало трага, односно кој се логирал, кој маркирал, кој прислушувал итн.

Поврзани новости