Дескоска: Уставниот суд мора да е заштитник на Уставот, а не да предизвикува земјотреси

by fokus

Во системот на заштита на човековите права и генерално грижата за уставноста и законитоста, Уставниот суд несомнено има една од најзначајните улоги и мора да си ја преземе улогата на заштитник на Уставот и на уставноста, а не да биде фактор што ќе предизвикува уставни земјотреси.

Тоа ги порача министерката за правда Рената Дескоска на денешната работна сесија за „Реформите во Уставниот суд поврзани со Поглавјето 23“ на третата работна група од Националната конвенција за Европската унија во Република Македонија.

– За жал во Република Македонија дел од проблемите произлегуваат од недостатоците во уставната рамка за работењето на Уставниот суд, но мислам дека тоа не е клучниот недостаток. Исто така, особено значајно е покажувањето на личен интегритет од страна на оние кои седат во Уставниот суд, изјави Дескоска.

Изрази очекување дека во процесот на реформи и желбата за воспоставување на систем на владеење на правото Уставниот суд ќе се однесува согласно стратешката определба на Република Македонија.

– Еден од клучните проблеми нотирани во дејствувањето на Уставниот суд е тоа дека често пати тој ја имаше маската на политички орган, наместо на неутрален орган што ќе го интересира единствено заштитата на Уставот и на човековите права во сферата во којашто им е дадена како право. Оваа власт не врши никаков притисок врз Уставниот суд и очекувам тие да можат да работат слободно, секако тоа зависи од нивните лични професионални капацитети и интегритет, изјави Дескоска.

Поврзани новости