Костова: Се сомневав дека ме прислушуваат бидејќи ја знаеја мојата слаба точка, постојано ме тужеа!

by fokus

Уредничката на неделникот “Фокус”, Јадранка Костова, сведочеше на денешното судско рочиште за случајот „Таргет и Тврдина“, како една од оштетените во аферата за масовното нелегално прислушување на УБК.

Костова рече дека таа била дел од новинарите кои биле прислушувани и во аферата „Големото уво“ од 2001 година и од тогаш не запрел нејзиниот сомнеж за прислушувањето.

Нејзините сомнежи се засилиле кога во 2011 година почнале да добива “површни и глупави” тужби како уредник на неделникот „Фокус“. Имало тужби и кои се мултиплицираат особено од новинарот Драган Павловиќ- Латас и бизнисменот Љубисав Иванов -Ѕинго.

Во тоа време сопственикот на Никола Младенов не одел во редакција, па се слушале по телефон.

– Му се жалев на лошиот третман на судот, затоа што на Латас му беше дозволено да го навредува мојот адвокат, Ставре Џиков, а нас не ни дозволуваа никаква интервенција, рече Костова.

Вели дека нејзиниот сомнеж бил дека цело време некој знаел дека тужбите биле нејзина слаба точка и затоа цело време од Младенов барала да ја смени од уредник.

-Преку прислушувањето се мултиплицираа тужбите заради мобинг и губење на време по судови, рече Костова.

Доказ дека била прислушувана добила од СДСМ, а 11-12 од тие разговори биле во мај- јуни 2013 година по загинувањето на Никола Младенов, во периодот кога се разговарало за рестартирање на неделникот „Фокус“.
Таа рече дека ќе бара отштета како жртва на прислушувањето.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости