Грчки „Интракат“ паѓа во стечај пред да ја заврши изградбата на штипскиот клинички центар

by Фокус

Македонската подружница на грчката компанија „Интракат“ (Intracom Constructions Societe Anonyme Technical and Steel Constructions), која го доби тендерот за изградба на новиот клинички центар во Штип за сума од 30 милиони евра, се наоѓа пред стечај. Барањето за поведување на стечајна постапка до Основниот суд Скопје – 2 го поднесе стечајниот управник Живко Калков во име на компанијата „Бетон-Штип“, поради неможност за наплата на долг од 2 милиони евра, направен од времето кога македонската компанија работеше како подизведувач на објектот. Во меѓувреме, грчката фирма одлучи самостојно да го доврши проектот, по што склучи и анекс-договор вреден 7 милиони евра, но од Министерството за здравство велат дека нема никаква исплата кон изведувачот во овој период поради забавени градежни активности во услови на вонредна состојба.

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Градежната компанија „Бетон-Штип“, застапувана од стечајниот управник Живко Калков, до Основниот суд Скопје- 2 поднела барање за поведување на стечајна постапка врз подружницата на грчката компанија „Интракат“, која го гради новиот клинички центар во Штип, за што неодамна склучи и анекс на основниот договор со Министерството за здравство во вредност од 7 милиони евра.

Оваа информација за Фокус ја потврдија од надлежниот граѓански суд во Скопје, како и стечајниот управник Калков, кој практично управува со компанијата-предлагач – „Бетон-Штип“, додека над неа, исто така, веќе една година се спроведува стечајна постапка.

Во предлогот за поведување на стечајна постапка доставен до скопскиот граѓански суд, Калков наведува дека должникот „Интракат“, односно нејзината македонска подружница формирана во 2016 година, е неликвидна и неспособна да ги сервисира доспеаните обврски, вклучително и долгот кон „Бетон-Штип“.

Имено, станува збор за долг во износ од 2 милиони евра врз основа на фактури од 2016, 2017 и 2018 година, од кои преку извршител периодов биле наплатени околу 500.000 евра, меѓутоа останатите 1,5 милиони евра побарувачот не може да ги наплати, бидејќи нема пари на ниту една од трите банкарски сметки на должникот.

На тој начин, се создадени законски предуслови за иницирање на стечај, откако претходно била блокирана сметката на „Интракат“ повеќе од 45 дена, а воедно компанијата-должник нема побарување, додека нејзините обврски се поголеми од имотот што го поседува.

Во ваква ситуација, надлежниот стечаен судија во рок од 30 дена треба да закаже рочиште за претходна постапка на кое, доколку предлогот е технички уреден, ќе се донесе решение за отворање на стечај, во однос на кое, патем речено, должникот нема право на жалба.

Како што е познато, грчката компанија „Интракат“ во 2015 година, во конкуренција на 5 меѓународни понудувачи, го доби тендерот за изградба на новата клиничка болница во Штип, која беше најавена како современ објект со површина од околу 34.000 квадратни метри, што треба да овозможи услови за здравствена заштита на над 200.000 жители од целиот источен регион на земјава.

Откако го доби овој бизнис вреден над 30 милиони евра, обезбедени со кредитен заем од Банката на Советот на Европа, „Интракат“ за подизведувач го ангажираше токму „Бетон-Штип“, чии поголеми акционери беа „БИМ Инвест“ на Сашко Бошков (која ги откупи акциите од „Езимит“ на Зоранчо Митровски), по што следуваа „ТИМ ДОО“ на Панделески и „ОРКА Холдинг“ на Камчев итн.

Меѓутоа, соработката меѓу двете компании траеше се до почетокот на 2019 година, кога „Интракат“ го раскина договорот со „Бетон Штип“ и презеде обврски пред Министерството за здравство самостојно да го доврши објектот, со тоа што рокот на реализација по вторпат се пролонгираше, овојпат од 2019 до тековната 2020 година.

Откога извиси од проектот, подизведувачот „Бетон-Штип“ падна во стечај по барање на доверителите, пред се банките-кредитори, но оваа компанија истовремено поднесе тужба кон „Интракат“ со која побаруваше 2 милиони евра за неисплатени изведени работи на штипската болница.

Врз основа на ова побарување, стечајниот управник на „Бетон-Штип“ прво ја блокираше сметката на македонската подружница на грчката компанија, а сега и бара и покренување на стечај, кој ќе биде отворена во рок од еден месец, освен ако предлагачот го повлече предлогот, должникот го исплати долгот или пак долгот го презеде некоја трета страна.

Како што своевремено пишуваше Фокус, непосредно пред „Интракат“ да одлучи да ја прекине соработката со подизведувачот и самостојно да го реализира проектот, во сопственичката и менаџерската структура на грчката компанија влезе Димитрис Кутрас, кој претходно беше дел од друга добро позната грчка компанија – „Актор“, што ја градеше автопатската делница Демир Капија-Смоквица.

Колку за потсетување, обвинителката Фатиме Фетаи на почетокот на 2018 година објави дека СЈО отвора истрага со назив „Актор“, поради фаворизирање на истоимената грчка компанија од страна на екс премиерот Никола Груевски, кој, според Фетаи, во 2012 година му наложил на министерот Миле Јанакиески да ја елиминира конкурентската италијанска компанија „ТО-ТО“, иако имала подобра понуда, што предизвикало буџетска штета од скоро 8 милиони евра.

Всушност, аферата „Актор“ првично во јавноста ја обелодени СДСМ како опозициска партија во 2014 година, кога од Бихаќка побараа кривична одговорност за одлевање на кеш од сметката на грчката компанија што го градеше автопатот Демир Капија-Смоквица, чија вредност изнесуваше околу 220 милиони евра.

И тогашната владејачка ВМРО-ДПМНЕ потврди дека се ваделе средства од сметка на компанијата, но од таму се правдааа дека станува збор за автохтона одлука на компанијата да располага со парите кои сама ги заработила.

Како и да е, во тоа време Кутрас беше еден од главните фактори во „Актор“, но во меѓувреме направи трансфер во „Интракат“, откако кон крајот на 2018 година откупил 20 отсто од уделите на оваа фирма за сума од 8 милиони евра, а веќе во ноември ја презема и водечката менаџерска функција.

И покрај уверувањата на властите дека изградбата на објектот ќе го пробие временскиот рок ама не и финансиската рамка, сепак, грчката компанија и Министерството за здравство на почетокот на годинава склучија анекс со кој вредноста на проектот се зголеми за 7 милиони евра.

Не станува збор за зголемени трошоци, туку за проект кој го наследивме со сериозен надостаток. Во овој проект не беше предвидена електрика. Бидејќи проектот е финансиран со заем од Банката за развој при Советот на Европа, експерти на Банката доаѓаа за технички проверки, укажаа на недостатоците и побараа ревизија на проектот. По направената ревизија, на крајот на 2018, констатирано е дека ќе треба дополнителни средства за да се надополни и модернизира проектот – објасни тогаш министерот за здравство Венко Филипче.

Во однос на прашањата на Фокус дали се запознаени со барањето за покренување на стечај врз изведувачот на штипската болница, како тоа ќе влијае врз реализацијата на проектот и колку од предвидените 7 милиони евра со анекс-договорот досега се исплатени кон грчката компанијата, од Министерството за здравство ни одговорија:

До Министерството за здравство нема стигнато официјално известување за наведениот предлог. Во оваа насока, Министерството не би сакало да шпекулира и да претпоставува евентуални судски одлуки, а во своето постапување ќе се држи исклучиво до законските принципи и секако ќе ги штити своите интереси, како и буџетот на Република Северна Македонија. До денеска нема исплатено средства предвидени со последниот анекс-договор, бидејќи поради вонредната состојба реализацијата на проектот беше забележително забавена“.

Инаку, градежната фирма „Интракат“ (Intracom Constructions Societe Anonyme Technical and Steel Constructions), важи за една од најголемите градежни компании во Грција, која е дел од групацијата „Интраком Холдингс“, чиј основач и сопственик е грчкиот милијардер Сократис Кокалис.

Според Централниот регистар, грчки „Интраком“ отворил подружница во земјава на самиот почеток на 2016 година, чија основна дејност е изградба на станбени и нестанбени згради, каде како овластени лица на компанијата се јавуваат грчките државјани Констатинос Симоу и Андреас Атанасопулос.

Финансиските извештаи на друштвото покажуваат дека првата 2016 година ја завршиле со приходи од 221 милиони денари и добивка од над 8 милиони денари. Од тој аспект, нема големи промени во следната 2017 година, меѓутоа веќе во 2018 година приходите и добивката се преполовуваат, со оглед дека изнесуваат 102 милиони евра, односно 3,7 милиони евра.

Што се однесува до минатата 2019 година, приходите се одржале на ниво, односно изнесувале 107 милиони денари, додека драстичен пораст има кај добивката, која изнесува 32,5 милиони денари, што е повеќе во споредба со вкупната добивка со претходните 3 години и воедно е за 10 пати повеќе во споредба со добивката во претходната 2018 година.

Во првите две години (2016 и 2017 година), македонската подружница на „Интраком“ имала само еден вработен, во 2018 година имала двајца вработени, но во 2019 година, кога е компанијата го направила најголемиот профит, вработувала 34 лица, што коредпонира со периодот кога одлучи сама да го доврши проектот. Неофицијално, грчката компанија периодов ги отпуштила сите работници.

Поврзани новости