Косовскиот парламент ја изгласа новата влада на чело со Курти

by Фокус

Собранието на Косово денеска со 67 гласа „за“, 30 „против“ и ниеден воздржан го изгласа лидерот на Движењето Самоопределување Албин Курти за нов премиер и го усвои неговиот предлог за состав на новата Влада на Косово.

Кабинетот на Курти го сочинуваат 18 членови, од кои тројца вицепремиери. Прв вицепремиер задолжен за евроинтеграции, развој и дијалог е Бесник Бислими, втора вицепремиерка задолжена за надворешни работи и дијаспора e Доника Грвала, додека трета вицепремиерка за малцински и човекови права е Емилија Реџепи.

Нов министер за финансии е Хекуран Мурати, за правда Албулена Хаџиу, за здравство Арбен Витиа, за образование и наука Арберие Нагавци, за култура Хајрулах Чеку, за локална самоуправа Елберт Красниќи, за екологија, просторно планирање и инфраструктура Либурн Алиу, за земјоделство Фатон Пеци, за одбрана Арменд Мехај, за внатрешни работи Џељаљ Свечља, за индустрија и трговија Розета Хајдари, за економија Артане Ризваноли, за заедници и враќање Горан Ракиќ и за регионален развој Фикрим Дамка.

Осуммина од членовите на новиот владин кабинет, како што објави Курти, се членови на неговата партија, која извојува убедлива победа на вонредните парламентарни избори, одржани на 14 февруари, со освоени – заедно со листата „Осмели се“ на досегашната собраниска спикерка и вршителка на должноста претседател на Косово, Вјоса Османи – 50,27 отсто од гласовите и 58 места во 120-членото Собрание на Косово.

Поврзани новости