Косово: Опозицијата го бојкотира Собранието, ќе се врати в четврток за законите за војската

by fokus

Претседателот на косовското Собрание Кадри Весели даде пауза откако во собраниската сала не се собраа доволно пратеници за одржување на денешната седница, а неизвесно е и дали таа воопшто ќе се одржи, јави дописникот на МИА од Приштина.

Претходно утрово, Претседателството на Собранието одржа седница на која одлучи наредната пленарна седница да се одржи в четврток, на 18 октомври.

Опозициските партии најавија дека ќе ја бојкотираат денешната седница, но ќе учествуваат на онаа в четврток поради значењето на пакетот закони за трансформација на Безбедносните сили на Косово (ФСК) во војска на Косово.

– Причините се веќе познати. Седницата свикана за в четврток има значајни закони и ЛДК ќе учествува на неа, изјави пратеникот на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), Тахир Земај.

Истото го потврди и во име на својата партија пратеничката на Самоопределување (ВВ), Албулена Хаџиу, која изрази загриженост поради најавите на претставници на власта дека е можно усвојувањето на законите за трансформација на ФСК во војска да се одложи за подоцна, поради немање средства во буџетот.

Поврзани новости