Владата на Косово по вечерашната вонредна седница, на која ја разгледа ситуацијата во земјата во врска со коронавирусот, одлучи од утре да се затворат кафулињата, сточните и авто-пазарите и трговските центри, а од понеделник, 16 март, да се прекинат и сите авиолинии во земјата, јави дописникот на МИА од Приштина.
Премиерот Албин Курти, по вонредната седница на Владата, откако претходно беше објавено дека во земјата се регистрирани првите два случаја со коронавирус, објави и дека целосно се прекинува јавниот превоз и препорача, секаде каде што тоа е можно, вработените во фирмите да работат од дома.
Курти изјави на прес-конференција дека вечерашната времена одлука на Владата за затворање на трговските објекти не важи за аптеките и маркетите со прехрамбени продукти.
Со владината одлука се одлагааг и сите спортски и културни активности.
Курти и министерот за здравство Арбен Витиа, претходно, попладнево на вонредна прес-конференција објавија дека во земјата се регистрирани првите два случаја на заразени од коронавирус во земјата. Се работи за 20-годишна италијанска државјанка и 77-годишен косовски државјанин.
Курти порача дека нема место за паника и побара од граѓаните да ги почитуваат владините мерки за превенција од заразата, особено со водење сметка за хигиената и избегнување на местата каде што има поголемо присуство на народ.