Ќосето бил човек на Гоце Делчев, вака Левица ја бранеше иницијативата за споменикот

by Fokus

Андон Лазов Јанев Ќосето бил човек на Гоце Делчев, дел од левото крило на организацијата, рекоа советниците на Левица на вчерашната седница на Советот во Општина Аеродром, на која се разгледуваше иницијативата за поставување на споменикот на Ќосето во паркот во Горно Лисиче. Иницијативата поднесена од Левица го доби потребниот број гласови во Советот, со поодршка од советниците на ВМРО-ДПМНЕ.

Иницијативата не ја поддржаа советниците на СДСМ кои рекоа дека Левица и со ова покажува дека е слуга на ВМРО-ДПМНЕ. Левица возврати.

-Вие сакате да го продадете Гоце Делчев на Бугарите. Вие имате ирационален страв, мислите тој споменик ќе оживее – им се обрати советникот на Левица, Горан Костовски, на советниците од СДСМ.

Милутин Ристески од СДСМ рече дека е разочаран што Левица се претставува како левичарска партија.

-Ќосето беше симбол на 11 годишен режим и испраќаше јасна порака со неговото ставање пред палатата на правдата, дека секој што ќе му се спротивстави на режимот на Груевски преку споменикот на Ќосето нека знае што го очекува – рече Ристески.

Советникот од ВМРО-НП пак ги покани советниците подносители на иницијативата на дебата кај Љупчо Георгиевски да им ги објасни историските дилеми.

Иницијативата беше изгласана со 22 гласа „за“ и шест гласа „против“. Следува нејзино поднесување до Собранието кое треба да го даде последниот збор.

Дискусијата за споменикот почнува од 58та минута на видеото.

Поврзани новости