-Се си оди според планот, сите предвидени екскурзии по повод Денот на жената, Осми Март, во поголемите градови во Италија ќе се реализираат. Нашите клиентки немаат пројавено страв или загриженост поради коронавирусот, не е откажано ниту едно патување – вака за ,,Фокус” утринава изјавија од повеќе познати туристички агенции, на чии интернет страници се нудат голем број на аранжмани по повод празникот, и тоа во Рим, Милано и други популарни туристички дестинации.
Паниката од коронавирусот којашто го ,,тресе” регионот, откако за два дена во Италија починаа четири, а се заразени 152 лица, очигледно нема да ги помати празничните планови на нашите дами кои што решиле да го поминат Осми Март на екскурзија во Италија.
За три ноќи во Рим, со појадок, авионски билети и водич, аранжманите по цена од околу 300 евра експресно биле распродадени, и досега не се случило ниту едно откажување, информираат од агенциите.
Милано пак, се нуди за околу 240 евра, исто три ноќи со појадок и авионски билети и интересот и покрај актуелните случувања, не бил намален.
Од туристичката агенција ,,Атлантис” во телефонски разговор ни изјавија дека единствено екскурзијата во Венеција нема да се реализира, поради проширување на вирусот во Италија. Сите останати патувања во Италија преку ,,Атлантис” ќе се реализирале според првичниот план.
Жени, кои што веќе уплатиле неколку рати за предвиденото осмомартовско патување во Италија, ни потврдија дека немаат намера да се откажат од истото. Велат дека имаат одреден страв, но сепак се тешат со помислата дека Италија е голема земја, и нема баш тие да бидат малерот и да го ,,закачат” вирусот.
-Долго време ја очекуваме екскурзијата низ повеќе градови во Италија, веруваме дека нема да има проблем. Тоа е развиена земја, се надеваме дека тамошните власти знаат што прават и ќе можат да се справат со коронавирусот – ни изјавија некои од жените кои што по две недели ќе заминат на празнична екскурзија.
И повеќе средни училишта годинава ја избрале Италија како дестинација каде што ученици од трета година ќе поминат околу една недела, во обиколка на туристички атракции во поголемите градови. Нема информација дали надлежните размислуваат за откажување на екскурзиите за кои веќе учениците платија неколку рати, или евентуално за промена на дестинацијата.
За време на викендот Италија воведе карантин во 11 градови во северниот дел на земјата поради коронавирусот.
Затворен е Венецискиот карневал, во Милано оперската куќа ,,Скала” и катедралата, а голем број на спортски настани се откажани.
Во Хрватска 42 средношколци и четири професори кои вчера се вратија од екскурзија во Венеција, се ставени во домашен карантин, кој ќе трае две недели.
Хрватското Министерство за образование, во консултација со тамошното Министерство за здравство, утринава на сите основни и средни училишта им дало насоки да ги откажат планираните екскурзии во Италија во наредните месец дена.
Италија викендов стана трета земја во светот според бројката на заразени, а паниката поради ширењето на коронавирусот расте во регионот.
Од нашето Министерство за образование и Министерство за здравство, се уште нема конкретни насоки околу предвидените патувања во Италија на ученици, но и на поголеми групи на жени по повод празникот.
Вики Клинчарова