Мухамед и Бисера добија ќерка: Имаме безусловна љубов, таа е предуслов за среќно дете!

by fokus

Пратеникот и потпретседател на СДСМ, Мухамед Зеќири и неговата сопруга Бисера Јордановска, поранешна директорка на Алсат – М, денес станаа родители на Далиа Нани Зеќири.

Пресреќен поради приновата, тој на социјалните мрежи ја сподели веста за раѓањето на нивната ќерка и посака сите парови кои сакаат да имаат деца, да ја почувствуваат нивната среќа.

-Благодарни сме Господе што на овој ден, 24.02.2020, нè израдува со ќеркичка.
На овој свет денеска дојде Далиа Нани Зеќири, 50 см и 3.280 г.
Бескрајно благодарни сме Господе што го израдува нашето семејство. Се молиме Господе оваа радост која ние ја почувствувавме денеска, да ја почувствуваат и сите оние парови кои посакуваат да имаат деца!!!
Амин – објави Зеќири.

Парот пред околу четири месеци направи свадбена веселба во хотелот „Double Tree by Hilton“во Скопје, а настанот го привлече вниманието на јавноста.

Набргу по свадбата, тие за ,,Фокус” раскажаа дека поминале низ низа на препреки, но секогаш цврсто верувале во нивната љубов.

-Љубовта не знае за пречки, а најубав доказ за тоа сме ние. Но, луѓето знаат! Нашата зрелост, успешност или карактер немаат врска со она што може да ти се попречи на патот. Некогаш блиските, убедени во своите најдобри намери, се немоќни да сфатат дека тоа што за нив е исправно, не мора да биде за друг, макар било тоа син или ќерка, брат или сестра, татко итн… па, создаваат ситуации кои мора да се менаџираат во интерес на доброто на сите- раскажуваше парот.

Бисера веќе има син од првиот брак, а пак Мухамед – две ќерки. Кога лани дознале дека ќе добијат девојче, ни изјавија дека заедничката ќерка е долго посакувано дете, за кое најмногу ,,навивал” постариот брат.

-И подготвени и навежбани и пресреќни сме поради бременоста на Бисера. Не постои совршен човек, па не постои ни совршен родител. Најважниот предуслов за „успешно“ родителство и среќно дете, според нас, е безусловна љубов за детето, а таа ја негуваме и двајцата! Бонус е кога покрај тоа родителите се сложни и околу системот на вредности и начинот на воспитување на детето и кога може да му пружат дом во кој има хармонија и разбирање – ни изјави Мухамед тогаш.

Вики Клинчарова

Поврзани новости