Критична состојбата на жените повредени во Романовце- имале изгореници над 80 отсто

by fokus

Двете жени и мажот кои се примени на Клиниките по експлозијата на плинската боца во Романовце во која загинаа три деца и еден маж, се во критична и многу тешка состојба, соопшти Директорот на ЈЗУ Универзитетска клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и ургентен центар – ТОАРИЛУЦ, Илир Хасани.

– Состојбата особено на двете жени е доста критична, тешка, но се бориме со максимални сили да ја стабилизираме нивната состојба. Се работи за изгореници од над 80 отсто, додека мажот има изгореници од околу 45 отсто. Во моментот изгорениците се најдоминатна повреда која го загрозува животот на пациентит. Тројцата се на интензивна нега и се интубирани, односно се ставени на механичка венталиција, на вештачко дишење, рече Хасани.

Три деца на возраст од осум, девет и единаесет години и 58-годишен маж починаа вчера во експлозија на плинска боца во кумановското село Романовце.

Повредени беа седум лица, кои се здобија со висок степен на изгореници, а меѓу нив и 58-годишниот маж кој подоцна им подлегна на повредите. Синоќа на Единицата за интензивно лекување на Клиниката за неврохирургија во Скопје почина мажот, кој беше во критична состојба откако настрада во експлозијата.

Во болницата Св. Наум Охридски пак се наоѓаат тројца повредени, две жени на возраст од 31 година, бремена жена на 28 години, како и десетгодишно дете.

31-годишната жена е во тешка состојба и со изгореници од 80%, и изгореници на дишните патишта, додека ситуацијата со бремената жена засега е стабилна со 25% изгореници по телото. Критична е ситуацијата и со детето кое има 70% изгореници.

 

Поврзани новости