Она што е извесно, е дека на 13 –ти октомври ќе се одржи концерт во чест на Тоше, во арената ,,Борис Трајковски’’ во Скопје. Истиот концерт, кој е поддржан од Министерството за култура, првично беше планиран за месец април, евентуално мај, но беше одложен.
-Концертот е веќе договорен, ги прецизираме сите детали. Ќе бидат промовирани нови песни и спотови, ќе запее и мојот син и внук на Тоше, Кристијан Ристески. Наредната недела треба да се договори и гостувањето на повеќе балкански музички ѕвезди на истиот. Иако требаше да се случи на пролет, концертот се одложи поради промените кои што се случуваа на политичката сцена, односно во министерствата. Сега веќе го имаме дефинитивниот датум, а јавноста ќе биде дополнително информирана околу тоа кој се ќе гостува – ни изјави Славен, сопругот на сестрата на Проески, Дора.
На концертот, македонски и балкански музички ѕвезди ќе ги отпеат најголемите хитови на Тоше. Ќе биде промовиран и четвртиот постхумен албум, кој ќе содржи десет песни на англиски јазик, и три спотови. И додека се во тек подготовките за концертот, нема конкретна информација кога ќе се започне со реставрација на гробното место, ниту пак како ќе изгледа гробниот споменикот на музичарот.
По електронски пат ,,Фокус’’ го контактираше Томе Христоски, градоначалникот на Крушево, но тој не одговори на нашите прашања во врска со започнувањето на градежните работи на гробиштата во Крушево.
Вики Клинчарова