Конгресот на ДУИ ја чека разврската од политичката криза во Грција

by Фокус

Тематскиот конгрес на ДУИ, кој беше најавен за неколку месеци по одржувањето на редовниот изборен конгрес пред половина година со цел дефинирање на генералните партиски политика, ја чека внатрешнополитичката разврска во Грција, дознава Фокус од висок партиски функционер.

– До крајот на месецов ќе се знае дали претседателот на Грција ќе биде избран од страна на грчкиот парламент. Ако тоа не се случи, можни се предвремените парламентарни избори и евентуална промена на власта. Тоа може да има влијание врз македонско-грчките преговори за името и на евроатланските интеграции на земјава, иако тоа со сигурност не мора да значи – вели тој.

Инаку, кандидатот за претседател на влајдечаките Нова Демократија и ПАСОК, Ставрис Димас, на првото глсање освои 160 гласови. Но, за да биде избран мораше да го подржат најмалку 200 пратеници, додека на второто гласање кое следува деновиве прагот паѓа на 180 од вкупниот број од 300 пратеници.

И покрај тоа, очекувањата и прогнозите се дека претседател нема да биде избран, освен ако грчкиот премиер, Андонис Самарас, изненади со нов кандидат со поголем потенцијал, или, пак, се обиде да го зголеми коалицискиот капацитет. Сепак, лидерот на најголемата опозициска партија СИРИЗА, Алексис Ципрас, заедно со неговите политички сојузници го блокираат изборот за претседател за да ја постигнат целта да предизвикаат предвремени парламентарни избори и да ја преземат власта.

Неколку негови јавни настапи и изјави создадоа впечаток дека ќе биде помек и поумерен во однос на Македонија и спорот за името во споредба со Самарас, кој се смета за еден од креаторите на овој спор. Ципрас како опозиционер се залага за решавање на спорот за името и го обвинува неговиот политички конкурен дека намерно го попречувал тоа 25 години.

Тоа што партијата на Али Ахмети, пак, го чека расплетот во Грција за да ги одреди главните политички насоки на партијата покажува оти таму клучот за надминување на овој спорт не го гледаат исклучиво во поголемиот коалициски партнер, премиерот Никола Груевски, туку и во грчката страна. Меѓутоа, тие не може да влијаат на случувањата во друга држава, но може да влијаат во владата во којашто партиципираат како втор по големина коалициски партнер, држејќи битни ресори.

Поврзани новости