Отворено писмо до министерот Тодоров: Ќе поднесам тужба против Клиниката за абдоменална хирургија и кривични пријави против двајца лекари за неукажана лекарска помош

by Fokus 15:23
15:23

Педест и четиригодишната скопјанка Лорија Ваневска вчера поминала цело патешествие на скопската Клиника за абдоменална хирургија, откако двајца лекари не сакале да ја прегледаат и да ја оперираат, иако била испратена како итен пациент. Ваневска најавува тужба против скопската клиника и ќе бара да и бидат рефундирани парите што ги платила за извршената хируршка интервенција во приватна болница, а најавува и кривични пријави против лекарите за неукажување лекарска помош.

Се почнало, откако 54-годишната пациентка со висока температура и акцес на препонот, по добиен упат од матичната лекарка се упатила на Клиниката за пластична хирургија. Таму лекарот ја прегледал и како итен пациент ја препратил на Абдоменална хирургија.Оттука започна нејизната голгота по здравствените лавиринти.

- Advertisements -

– Со многу висока температура и неиздрживи болки се упатив на Абдоменална хирургија. Од што имав големи болки, едвај стигнав до клиниката, а таму чекаа само тројца пациенти. После чекање од 20 минути, им текна дека треба да ме прегледа лекар, кој наместо да го направи тоа, ми вика треба да дојдете по „Мој термин“ во 13 : 15 часот. Јас се газам од болки, од осум ипол чекам. Мораше да ми се изврши итна хируршка интервенција, а тој се сврте и си отиде. Ако се сите доктори такви, тешко на пациентите. На скопските клиники е тотален хаос и хорор – тврди во изјава за „Фокус“, нотарката Ваневска.

Таа додава, дека на лекарите од Клиниката за абдоменална хирургија им е потребно домашно воспитување и дека тие треба секогаш да бидат таму за пациентите.

– Тој ако е доктор, треба да види како се однесува. Сега ни мачето не би им го дала да ми го лекуваат. Јас не дојдов во болницата да ги видам и кафе да пијам со него, дојдов бидејќи не можев да ги издржам повеќе болките. По скандалот, одлучив да отидам во приватна болница, каде за неколку часа ме оперираа и ми рекоа дека ако сум почекала уште некое време, сум можела да добијам сепса, бидејќи на болното место има сплет на крвни садови. Ќе ја тужам клиниката и ќе барам да ми ги рефундираат парите што сум ги платила за хируршка интервенција во приватна болница, а ќе поднесам кривични пријави и против двајцата лекари за неукажана лекарска помош – истакна Ваневска.

Таа поднела преставка и до министерството за здравство, а праќа и отворено писмо до министерот за здравство Никола Тодоров, барајќи од него, ваквите несовесни лекари да ги исчисти од клиниките.

„Фокус“ побара став на оваа тема од директорот на Клиниката за абдоменална хирургија, Александар Караѓозов, кој не одговараше на нашите телефонски повици.

Поврзани новости