Опозициската Алијанса за Албанците за 2 месеци треба да одржи Конгрес, чии подготовки започнаа уште во февруари годинава, кога впрочем партиското Централно собрание донесе одлука за свикување на редовен изборен Конгрес и за претседател на Организацискиот одбор го избра градоначалникот на Гостивар Валбон Лимани.
Во рамки на неговото обраќање, партискиот лидер Арбен Таравари тогаш ја нагласи важноста од работата на терен, зајакнувањето на структурите и понатамошната консолидација на партијата како сериозна политичка алтернатива, со што всушност се отвори дискусија за актуелните политички случувања и за позиционирањето на партијата во следниот период.
Неколку месеци подоцна, активностите за одржување на Конгресот влегуваат во завршна фаза, меѓутоа Таравари се уште не донел конечна одлука дали ќе се кандидира за уште мандат на чело на партијата. Имено, тој вели дека има уште време за да размисли пред да донесе дефинитивна одлука.
–Се уште немам донесено дефинитивна одлука дали ќе се кандидирам, има време уште 2 месеци – рече Таравари во изјава за „Фокус“, додавајќи дека ако одлучи да се кандидира за уште мандат на чело на партијата, не верува дека некој друг би пројавил интерес за лидерската позиција.
Доколку на крај сепак одлучи да се повлече и да ја препушти лидерската палка на АА на друг кадар, неофицијалните информации укажуваат дека тројца влегуваат како најсериозни кандидати за негов наследник, од кои едниот е веќе споменатиот гостиварски градоначалник Лимани.
Што се однесува до другите двајца потенцијални кандидати за лидер на Алијанса, според партиски извори, вториот е уште еден градоначалник од редовите на партијата. Станува збор за градоначалникот на Врапчиште, Исен Шабани.
И, посочуваат нашите соговорници, третиот потенцијален кандидат за наследник на Таравари ако тој одлучи да се повлече, е пратеникот Халил Снонпче, кој беше и шеф на изборниот штаб на последните локални избори, кога АА освои двајца градоначалници.
Како што е познато, оваа партија во последните години преживеа големи турбуленции и влезе во низа процеси на внатрешни тензии и раслојувања, како резултат на кои АА од втора партија во албанскиот блок по ДУИ денес е структура поделена на најмалку 3 дела.
Односно, едниот дел остана во АА на Таравари, другиот премина во новоформираната партија Албаски сојуз на Зијадин Села и третиот се претопи во владејачката ВЛЕН, откако неодамна оваа дотогаш коалиција на повеќе партии и фракции се трансформираше во единствена политичка организација.
Инаку, главниот расцеп се случи кога Таравари, спротивно на расположението на неговиот претходник Села, одлучи да ја извлече Алијанса од коалиција со ДУИ и да се приклучи кон ВЛЕН, што беше еден од клучните фактори за успехот на ВЛЕН на последните парламентарни избори во 2024 година, по кои се случија политички промени.
Арно ама, за кратко време Таравари влезе во отворен конфликт со Изет Меџити, Биљал Касами и други лидери на ВЛЕН, по што излезе од владејачката коалиција и повторно се приближи кон ДУИ, со која настапи заедно на ланските локални избори.
По завршувањето на изборите, оваа коалиција со назив Национална алијанса за интеграција практично престана да постои, бидејќи Села веднаш излезе од неа, додека Таравари во меѓувреме испраќа пораки дека тие се посебна партија и допрва ќе одлучат како во иднина ќе се постават и ќе настапуваат на политичката сцена.
Она што може да се каже сигурно е дека ако тој одлучи да се повлече од лидерската позиција на партијата и отвори простор за друг кандидат, тоа ќе се протолкува како сигнал за стратешко репозиционирање на партијата во периодот што следува.
Во интервју за Ора 24, Лимани изјави дека Конгресот треба да послужи како почетна точка за нов процес во рамките на партијата, со цел, како што рече, обединување на структурите и поединците кои биле дел од патувањето на АА, како и нејзино враќање на политичката сцена како конкурентен ентитет.
–Конгресот ќе биде многу важен момент за јасно дефинирање на политичката ориентација на партијата и за поставување јасна среднорочна патека и долгорочна стратегија во развојот и зајакнувањето на АА… Мислам дека АА има голем потенцијал, и јас, и не само јас, туку сите сме во контакт со разни структури и поединци и здруженија, со единствена цел да се направи најдоброто можно за развој на партијата – рече тој.
Влатко СТОЈАНОВСКИ